Доделени заслужените благодарници
Скопје, 27. јуни 2019 година
Националното здружение за МС на своите соработници и поддржувачи додели благодарници за покажаниот особен придонес во унапредување на животот на лицата со мултипла склероза (МС).
Првата благодарница беше врачена на директорот на Универзитетската клиника за неврологија – Скопје, науч. сор. д-р Иван Барбов како потврда за несебичните заложби, посветеноста и поддршката на лицата со мултипла склероза. Веруваме дека и во иднина стручниот колектив на Клиниката за неврологија ќе остане наш стратешки партнер во остварувањето на целите и задачите во насока на обезбедување на подобар квалитет на живот на лицата со МС.
Второто признание беше доделено на Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА) за нивната лојалност, силна поддршка и поткрепа на лицата со МС и нашето здружение. Идните доктори ја докажаа својата лојалност кон нас преку вклучување во активностите кои се одвиваа во тек на мај – месецот посветен на МС.
Особено не радува фактот што наши стратешки партнери се, од една страна невролози кои секојдевно се грижат за потребите на пациентите и се ангажирани околу лекување и справување со нашите проблеми, додека од друга страна се студентите по медицина кои се наши идни доктори и наша надеж.
Колку што ни се неопходни стручните лица сега, толку ќе ни бидат потребни високо едуцирани кадри и во иднина. Специјалистите кои денес не лекуваат, утре ќе заминат во пензија, но за жал нашата мултипла склероза ќе ја имаме до крајот на животот, бидејќи оваа хронична болест нема да замине во пензија.