БЕСПЛАТЕН ГРАДСКИ ПРЕВОЗ НА ПОДРАЧЈЕТО НА ГРАД СКОПЈЕ ЗА ЛИЦАТА СО МС
Соработката со локалните власти и давателите на услуги од јавен интерес е мошне важна за унапредување на секојдневието на лицата со мултипла склероза. Затоа, Националното здружение за МС ја поддржува позитивната пракса на Советот на Град Скопје преку посебна Годишна програма за повластено користење на јавниот градски превоз, од страна на лица со посебни потреби во соработка со ЈСП Скопје да овозможи бесплатно користење на јавниот гратски превоз за овие лица (вклучително и за лицата со МС) кои имаат живеалиште на територијата на Град Скопје.
По донесувањето на Годишната програма, Националното здружение ги информира своите членови за рокот за аплицирање и потребната документација која треба да ја достават до Здружението. Бидејќи користењето на оваа поволност е со персонализирани картички кои ги издава ЈСП Скопје, потребно е членот – корисник кој првпат го остварува ова право (или вади нова картичка поради истек на периодот на важност од четири години), да достави своја слика, односно доколку претходно ја има користено оваа поволност, да ја достави само постоечката важечка персонализирана картичка заради верификување на нејзината валидност – оверување од ЈСП за следната календарска година.
Националното здружение МС ги покрива трошоците за изработка на персонализираните картички за користење на јавниот градски превоз за своите членови, а воедно ја пружа и потребната логистичка поддршка од моментот на аплицирање за користење на поволноста, па до издавање на картичката за секој поединечен корисник.