2024 година – Резултати од спроведената анкета за задоволство од досега сработеното на здружението
Националното здружение за МС кон крајот на месец март како и секоја друга година, до сите членови на здружението со регистрирана емаил адреса достави кратка анкета. Целта на анкетата да се добијат сознанија на задоволството на членовите на здружението и да ги утврдиме новите и актуелни потреби на сите кои ни ја подариле својата доверба, се зачлениле во здружението и одвоиле време да ја пополнат оваа анкета.
Анкетата беше отворена за одговарање приближно еден месец, така што на поставените прашања свои одговори дадоа 103 лица (забележително посериозен број во споредба со претходните години), од кои:
-
85,4% се изјаснија дека се целосно задоволни од досегашната работа на Националното здружение,
-
10,7 % се делумно задоволни,
-
2,9% делумно незадоволни
-
додека само еден одговор добивме дека не е задоволен/на.
Статистичките податоци ни говорат дека Националното здружение за МС сè уште претставува достоен правен ентитет кој ја оправдува целта на своето постоење и својата работа ја извршува и развива во интерес на попстигнување подобар квалитет на живот на лицата со МС и нивните семејства.
На поставените прашања повеќето испитаници наведоа дека се задоволни од навремено достапните информации, реализација на поволности за лицата со МС, посетување и средби со лицата со МС по градови, ангажираност, ажурност и целосна посветеност, добивање навремени и корисни информации што ги засегаат лицата со МС, одлична веб страница итн.
На прашањето да се посочи барем една работа/активност од која не се задоволни, најголем дел од анкетираните одговорија дека сѐ е во ред, а секако добивме и интереси предлози (на пр. организирање неформални средби, достапност на терапии во градот на живеење, подобро развиени релации доктор – пациент итн.
Mало потсетување, членството во Националното здружение за МС е доброволно, членувањето бесплатно, така што доколку сметате дека тука не се исполнети вашите очекувања имате и друг избор, сепак, секогаш сме отворени за свежи идеи и конструктивни предлози.
Ве повикуваме да дадете свој придонес и да се клучите во рабоптата и активностите на Националното здружение за МС или само дадете ни ја вашата поддршка..
Ви благодариме на сите што земавте учество во анкетата. Чувајте се!!!
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 11. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance), асоцијативна членка на Интернационалната федерација за МС (анг. MS International Federation) и членка на Националната Алијанса на пациентски организации (НАПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
За да дознаете повеќе за здружението посетете ја нашата веб страницаhttp://msmakedonija.eu.org/za-nas.