4 работи кои жените со МС треба да ги земат предвид кога планираат бременост

Мултипла склероза (МС) е хронично дегенеративно заболување кое кај жените се јавува три пати почесто отколку кај мажите. Болеста често се дијагностицира за време на репродуктивните години на жените, што може да ја зголеми вознемиреноста поврзана со планирање на семејството. Жените често се загрижени дека можеби нема да можат да забременат, да родат здраво дете, или да се грижат за дете додека се справуваат со хронична болест.
Многу жени, откако ќе им биде дијагностицирана МС, исто така, се загрижени дека бременоста, породувањето, па дури и родителството може негативно да влијаат на нивното здравје. Едно истражување покажа дека повеќе од една третина од жените со МС одлучиле да немаат деца или да ги променат нивните планови да останат бремени.
Жените со МС често имаат здрава бременост
Иако постојат одредени уникатни предизвици со кои може да се соочат жените со МС ако одлучат да имаат деца, тие често поминуваат низ бременоста и породувањето без компликации. „Мојот лекар силно ја поддржуваше мојата желба да забременам и сигурна сум дека би бил отворен за идејата да забременам повторно, ако го посакам тоа“, вели Lindsey, жена на која и беше дијагностицирана МС на 25-годишна возраст, неколку години пред да почне да размислува за основање семејство.
Според Др. Erkan Buyuk, репродуктивен ендокринолог во „Reproductive Medicine Associates of New York, Mount Sinai Hospital“, МС не ја спречува бременоста и не го зголемува ризикот од патолошка бременост. Отворена комуникација, силен систем за поддршка и развој на план за пред, за време и по бременоста се важни работи кои треба да ги имаат на ум сите жени кои размислуваат за бременост. Сепак, овие работи се особено важни за жените кои живеат со МС.
Изработка на план за: пред, за време и по бременоста
Има неколку специфични работи кои треба да ги земете предвид кога развивате план за да ја олесните бременоста што е можно повеќе. Еве 4 од нив։
- Како влијае бременоста на терапијата која ја примате? Одредени лекови за МС може да бидат небезбедни за време на бременоста и за време на доењето. Лековите кои се користат во третманите за МС во упатствата за користење на производот имаат дел за бременост и доење, што помага во индивидуалниот избор на жените со МС. Важно е да соработувате со вашиот лекар за да бидете сигурни дека правите сѐ што е можно за да ги зголемите шансите за здрава бременост и здраво дете, а истовремено да управувате со вашата МС.
- Како ќе се чувствувате кога сте бремени ако имате МС? Многу од жените со МС може да доживеат помалку релапси додека се бремени, бидејќи бременоста понекогаш може да ги заштити од воспаленија. Сепак, жените со МС кои се бремени можеби нема да доживеат подобрување на состојбата. Lindsey на пример, не забележала голема промена во однос на нејзината МС додека била бремена. „Мислам дека поради моменталната состојба во прогресијата на болеста, бременоста навистина не влијаеше на моите симптоми“, вели Lindsey. Dr. Buyuk ја потврдува оваа идеја, велејќи: „Како се чувствуваат жените пред да забременат е најдобар показател за тоа како ќе се чувствуваат за време и по бременоста“.
Бидејќи заморот е вообичаен симптом кај лицата со МС воопшто, а исто така е вообичаен и за време на бременоста, планирањето начини за справување со заморот може да ги олесни и бременоста и родителството. На пример, помошта од луѓето во вашата група за поддршка може да ви помогне да ја зачувате енергијата. Ако постојат активности за кои знаете дека помагаат да ја зголемите вашата енергија треба да размислите и како да ги вклучите тие активности во вашата редовна рутина додека управувате со бременоста и родителството.
- Што ќе се случи по бременоста? Релапсите по бременоста се јавуваат кај околу една третина од жените со МС, па затоа е важно овие жени да разберат дека може да имаат помалку релапси додека се бремени, а зачестеноста на релапсите веројатно ќе се појави три до шест месеци по породувањето. „Кај жените со МС тенденција е да доживуваат помалку релапси во текот на третото тримесечје од бременоста“, вели Dr. Buyuk, „но тие честопати ќе доживеат повеќе релапси веднаш по породувањето, најверојатно поради драматичната промена во хормоните што се случува во тој период“.
Доењето по породувањето е уште едно прашање што треба да се разгледа. Како што беше споменато претходно, сите лекови за МС имаат дел за бременост и доење во ознаката на производот. Жените со МС се охрабруваат да размислат дали идејата за доење им е прифатлива, и ако се заинтересирани треба да разговараат со својот лекар околу планот за лекување.
Постпородилната депресија е честа компликација поврзана со бременоста и породувањето, а жените со МС се изложени на зголемен ризик. Затоа од клучно значење е тие да бидат особено свесни за тоа како се чувствуваат по бременоста и да разговараат со својот лекар доколку имаат знаци на депресија, за овие прашања да можат брзо и соодветно да се решат.
- Како ќе се промени мојата рутина во лекувањето? Бременоста подразбира почести посети на лекар и почести прегледи. Сепак, кај бремените жени со МС потребна е и координирана грижа меѓу различни здравствени работници. Со ова ќе бидеме сигурни дека секој специјалист ги има соодветните информации за да му обезбеди на својот пациент соодветна грижа, како и дека се донесуваат најдобрите медицински одлуки.
На пример, жените со МС може да имаат намалена карлична сензација и може да се соочат со тешкотии за време на породувањето, што го прави поверојатно породување со царски рез. Во овие случаи, анестезиолозите треба да соработуваат со другите лекари на пациентот за да го одредат најдобриот курс на дејствување во однос на управувањето со болката. Dr. Buyuk нагласува дека постои и потреба од комуникација меѓу невролозите и лекарите фокусирани на бременоста: „Треба да работиме со целосниот тим за нега на пациентката за да бидеме сигурни дека бременоста се одвива што е можно побезбедно во секој поглед“.
Заклучок
Вообичаено е жените со МС да основаат семејства, а МС конкретно не ја попречува бременоста и не влијае на плодот. Жените со МС кои имаат желба да забременат треба да разговараат со својот лекар за да почнат да планираат како најдобро да и пристапат на бременоста, породувањето и постпарталниот период. Според Lindsey, важно е да го слушате вашето тело во текот на целиот процес и да се грижите за себе. „Вие најдобро го познавате вашето тело“, вели таа, „затоа мора да разговарате и да му кажете на вашиот лекар како се чувствувате за да можете да ја добиете потребната нега“.
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.