Кој е патот до здраво долголетие
Се надевам дека насловот за овој текст ќе биде добра провокација за без здив да го проследите истото.
Текстот ќе го започнам со мисли од големи мудреци
-100 г. п.н.е. Марк Тулиј Цицерон
Возраста не го прави човекот, туку човекот ја прави возраста
– Многу год п.н.е. Источен мудрец
Квалитетот на мислите го определува квалитетот на животот
Илјадници години наназад човекот го бара еликсирот на младоста, волшебното стапче со кое ќе си го продолжи векот на живеење. Секој од нас сака да биде млад, здрав, полн со животна радост што е можно подолг период во животот.
Вистината е дека секој жив организам старее, тоа е нормално и природно како што е нормално и раѓањето и смртта.
Но колку брзо и како старееме и колкав ќе биде нашиот животен век зависи од нас самите. Тоа го докажа и науката во долгогодишните истражувања. Голем број научни истражувања покажаа дека голем број на дегенеративни заболувања кои ја пратат староста може да се одбегнат и да не бидат причина за недостоинствена старост односно старост која од една квалитетна и почитувана личност создава рушевина како физички така и ментално. Секој од нас знае барем еден таков пример. Многу е тажно кога се соочуваме со личност која до вчера била пример за личност, на која треба да се потпреме, личност со цврст карактер, а ете болеста во староста создала само руина од истата.
Дали е ваквата старост неизбежна, дали мора кога ќе остареме да се бориме со болести? Науката дава одговор на ова прашање, а одговорот е НЕ.
А тоа значи дека многу од тие деградирачки-дегенеративни болести кои за жал ја пратат староста во чекор како што е Паркинсонова болест, Алцхајмерова болест, кардиоваскуларни заболувања, рак, ослабен имунитет, дијабет, навистина може да се превенираат и одбегнат.
Така сега доаѓаме повторно до заклучок дека она што Хипократ го рекол уште многу пред нашата ера има голема и единствена вистина, а тоа е:
Нека храната Ви биде лек и лек нека Ви биде Вашата храна.
Во последните години се разви и посебна гранка во медицината – ANTI-AGING медицина (АЕМ) која се занимава токму со проблематиката на здрава долговечност.
Основна цел на АЕМ е да овозможи здрава долговечност како физичка, така и ментална, а тоа пред се подразбира да се превенираат дегенеративните заболувања од било која природа. Тоа зборува дека треба да работи на одстранување на причините заради кои доаѓа до овие проблеми. Еве ги главните причинители на нашето болно и брзо стареење со кои треба добро да се избоксуваме за да си ја постигнеме целта – ЗДРАВА И МЛАДА СТАРОСТ.
КЕ СЕ БОРАМ ПРОТИВ:
- нездрава исхрана
- недвижење – цел ден од столче на столче
- лоши навики – пушење, алкохол, наркотици, таблети за се и сешто – на своја рака
- стрес
- наследни болести
- штетни влијанија на средината – нечист воздух, бучава, отрови во храната
Сите овие фактори се причина за зголемување на нивото на радикалите во нашиот организам, а тоа значи и причина за појава на сите видови заболувања до оние најтешките. Многу научни истражувања докажаа дека 80-90% од дегенеративните болести се поврзани со негативното дејство на слободните радикали. Сите овие дегенеративни промени значат и забрзано стареење. Значи со борба против радикалите го добиваме она што се вика успорено стареење или пат до млада старост.
За да се избориме со радикалите треба да имаме барем основно познавање за тоа кои се тие? Дали може да ги држиме под контрола? Како да им го намалиме разорното дејство со кое ни ја уништуваат клетката, а со тоа и нашето здравје, и не туркаат во разни заболувања кои го стареат нашето тело но и духот. Уште во далечната 1954 г. (кога јас се родив), Д-р Харман, доктор на медицина по многу истражувања на лабораториски животни докажа дека слободните радикали се главна причина за стареење. Долго време оваа теорија за радикалите на д-р Харман во која се објаснува дека слободните радикали се причина за стареење. За среќа поновите научни сознанија конечно ја потврдуваат вистинитоста на неговата веќе 60 години стара теорија.
Ајде сега да се запознаеме накусо со оние кои ни го нарушуваат здравјето и ни го забрзуваат стареењето. Значи да си го запознаеме непријателот за да можеме да се избориме со него.
Во нашите клетки се одвиваат најважните животни процеси. Во клетката има мала фабрика (митохондрија) во која се произведува силна енергија при согорување на кислородот кој го вдишуваме. Но, при тоа согорување покрај добиената живото важна енергија – како нус продукт се добиваат и тн. кислородни слободни радикали. Тоа е слично на горење дрво во камин или кумбе. Под дејство на кислородот оганот гори и дава силна топлинска енергија. Истовремено се ослободуваат штетни гасови – како јаглероден моноксид кој може да го задуши секој жив организам (замислете тој чад да остане во затворена просторија) но останува и дел од изгореното дрво како пепел – која е многу корисна). Со овој пример може да се објасни двојното дејство на радикалите – корисното и она штетното. Од една страна радикалите имаат и заштитничко дејство со тоа што се борат против причинители на инфекции и многу бргу ги уништуваат. Но за жал од друга страна кога се премногубројни тие го почнуваат нивното разорно дејство со тоа што ги напаѓаат молекулите на мастите, ги оксидираат протеините, но и лошо делуваат на ДНК и на генетските кодови. На тој начин клетките се разоруваат и едноставно со голема брзина стареат, а така доаѓа и до предвремена смрт. Овој разорен процес уште повеќе се забрзува под влијание на слободни радикали кои ги земаме надвор од нашето тело. Тие надворешни слободни радикали ги земаме со пушењето (и како пасивни пушачи), од загадениот воздух во опкружувањето, со изложување на силни УВ сончеви зрачења, радијации… Значи нашето тело цело време е изложено на удар на слободните радикали како на внатрешните така и на надворешните. Нашето тело не може да функционира без нив заради нивната заштитничка улога (кога се присутни на умерено ниво), но кога се во голем број просто и едноставно не туркаат во болести и прерано не стареат и за жал набргу доаѓа крајот.
За подобро да ги запознаеме мора да ја видиме и хемиската страна на слободните радикали. Тие се всушност молекули на кои им недостасува еден електрон кој им е потребен да биде во пар. Затоа не бираат средстава за да украдат таков електрон од опкружувањето или да им ја предадат својата распарена молекула. Одземајки електрон по електрон од нашите клетки, клетките стануваат обезвреднети, доживуваат таканаречен – оксидативен стрес. Радикалите со напаѓање на масното ткиво ја оштетуваат мембраната на клетките, па ги разоруваат молекулите на протеините, ги напаѓаат молекулите на ДНК, па така со тек на времето (за жал за кратко време) добиваме стар и оштетен организам.
Како да се избориме против дивеењето на слободните радикали?!
Одговорот е едноставен: Внесете ги АНТИОКСИДАНТИТЕ, спасителите од раздивените разорувачки слободни радикали. Антиоксидантите се хемиски супстанци кои ќе им ги дадат на радикалите потребните електрони. Во таков случај кога си го добиле потребниот електрон од антиоксидантите, тие веќе нема да имаат потреба да го бараат од нашите клетки и при тоа да уништуваат се пред себе – туку ќе се смират. Кога радикалите не дивеат тоа значи мир и спокој за нашите клетки, а со тоа и можност за здраво и долго живеење. Значи со помош на антиоксидантите одиме во здрава и млада долговечност а тоа е тоа кое секој од нас реално го очекува.
Каде ќе ги најдеме нашите спасители – антиоксиданти, како, кога и во каква форма ќе го снабдиме нашето тело со нив?
Еве еден пример кој многу зборува за заштитното дејство на антиоксидантите.
Пресечете едно јаболко и оставете го да постои на воздух. За кратко време јаболкото ќе потемне, но ако пред тоа сме исцедиле лимон на половинката од јаболкото ќе забележиме дека бојата не му се променила. Нешто го заштитило, а тоа е Ц витаминот од лимонот кој е еден од најсилните антиоксиданти. Антиоксиданти има неброено многу. Се наоѓаат во природата – во чистиот воздух, здрава вода, природна свежа храна, убавиот и здрав сон, слушање убава музика, патувања, дружбата со луѓе со кои се чувствуваме пријатно, во пешачењето покрај река, паркови, практикување на масажи, спа третмани…
Антиоксидантите се јавуваат во најразлични форми. Тие се јавуваат во форма на витамини, минерали, ензими, фитонутритиенти, негативни јони… Најдобро е кога на дневно ниво внесуваме разновидни антиоксиданти преку здрава храна, здрава вода, чист воздух.
Но дали се тие доволни како количина и квалитет, дали може да ја постигнат рамнотежата со радикалите? Науката докажува дека во последните децении на луѓето се повеке им се потребни и додатоци во исхраната во функција на антиоксиданти кои ќе се земат во вид на витамини, ензими, минерали, есенцијални масни киселини – омега 3. Зошто, зарем антиоксидантите во здравата храна, од водата, воздухот, урамнотежениот начин на живеење не ни се доволни? За жал самиот човек во последните децении премногу го зголеми бројот на радикалите во нашето непосредно но и глобално опкружување (зрачење, загаден воздух, пестициди…), индустриски процесуирана храна – газирани, негазирани пијалоци, антибиотици, ксенохормони во храната (пилиња, млеко и млечни производи… и се што е од нив направено…), прости шеќери во сите производи, глутен се додава каде што ќе се стигне, емулгатори, адитиви за обојување на прехрамбените продукти, адитиви за продолжување на време на траење… и многу други состојки кои се непрепознатливи за нашата клетка. Предоминација на индустриски процесуирана храна во која ниту од далеку нема да препознаете некеков антиоксидант. За жал честа е појава на храни во кои се додаваат одреден број на витаминии минерали – замислете прво им ги извадиле природните а сега ке им додаваат неприродни.
Доашаме до заклучок дека самите сме си виновни за загадување на природата, а тоа подразбира и загадување на храната. Со самото тоа предизвикавме зголемување на бројот на слободните радикали како одвнатре така и однадвор. Сега е логично да изнајдеме начин како да си помогнеме во ова наше тн. автотруење.
Науката докажува дека треба да си помогнеме со таканаречени хранителни додатоци (суплементи). Секако тоа се највеќе антиоксиданти во форма на витамини, минерали, ензими, есенцијални масни киселини омега 3… Во изборот на овие додатоци треба многу да се внимава, да се одбираат по можност органски, проверени и во консултација со вашиот лекар или диететичар.
Сепак се докажува дека здравата исхраната е главен фактор за нашето здраво и долго живеење. Бадијала јас да земам и додатоци во исхраната и тоа од оние најквалитетните, ако денес не сум испила чаша вода, не сум каснала некое свежо овошје, свеж зеленчук.
Овде морам да го споменам фактот дека 70% од предвремената смрт кај луѓето се должи на неправилниот начин на исхрана кој подразбира – секојдневно јадење нездрава храна, прејадување, неконзумирање вода, неконзумирање свежа храна.
Кога се храниме здраво со многу свежа храна, кога пиеме доволно вода ние му создаваме на нашето тело природна базно киселинска рамнотежа, го снабдуваме со ензими, со многу витамини, минерали… практично со се што е потребно за да се држи добра рамнотежа мегу радикалите и нашите спасители – антиоксидантите. Значи доагаме до заклучок дека хранејќи се здраво, но што е и многу важно – со помали порции храна си овозможуваме подолг век на нашите клетки, си овозможуваме антистареење. Како доказ на сето ова е дека луѓето кои стасале до активна старост и до стотата година немаат ниту грам вишок килограми.
За пример ќе ги посочам жителите на островот Окинава, Јапонија каде има најголем број здрави стогодишници за кои е карактеристично тоа што се хранат со 17-40% помалку калории во однос на другите жители на Јапонија. Неправедно ќе биде да не ги спомнам Хунзите како луѓе кои се здраво долговечни и на кои храната им е генерално вегетаријанска со многу овошје и зеленчук. Секој знае за нивните кајсии и семките од нив кои се многу лековити. Се разбира и незагадениот воздух и чистата вода го даваат придонесот за нивна здрава долговечност. Такви примери во светот има многу, но сите тие покажуваат дека правецот кон здраво долголетие е во наши раце. Сменете ги лошите навики во исхраната, никогаш не е касно. Јас тоа го направив пред повеќе од 15-тина години. Чинам дека тогаш иако бев помлада се чувствував изнемоштено, примав лекови за реума, за висок притисок, за моето непријатно автоимуно заболување – синдром Мениер, хронична опстипација… и што ли уште не? Тогаш ни на крај памет не ми доаѓаше дека сум болна од тоа што погрешно се хранев. Вода, овошје конзумирав повремено ако се случи, салатите сепак ми беа присутни во секојдневието. Бев ако може да се каже зависник од сирење, канти сирења дефилираа во нашиот дом.
Кога почнав да постам ги почувствував промените во моето здравје, но и тогаш слабо се дружев со овошјето и водата. Откако почнав да се занимавам се повеќе и со голем ентузијазам за здравата исхрана и убаво да ја разберам доктрината – НИЕ СМЕ ТОА ШТО ЈАДЕМЕ, јас се родив по втор пат. Почитувајки ги законите на природата, конзумирајки на дневно ниво многу свежо овошје, свеж зеленчук, пиејќи доволно вода, моето здравје е во добра кондиција – немам здравствени проблеми кои ме мачеа кога бев 15-тина години помлада. Значи јас полека но сигурно си обезбедувам здраво стареење. Затоа и вам Ви препорачувам да си создадете нови навики во исхраната и да се надградувте во тој правец.
Убаво е човек да добие повеќе сознанија за нештата да бидат поприемчиви и појасни, па во оваа пригода да го споменам примерот на светски познатиот д-р Норман Вокер – диетолог основач на терапија со свежа храна и сокотерапија кој живеел квалитетно цели 118 години од 1866-1984 година. На крај од 19-тиот век кога бил млад човек тој се разболува многу сериозно дури и опасно по неговиот живот. Тогаш почнува неговиот пресврт во прехрамбените навики, тој почнува да се храни со свежа храна и свежи сокови се до крај на својот долг живот. Како куриозитет е и фактот дека се оженил и станал татко на 102 години. Неверојатно но вистинито. Тој има илјадници следбеници низ целиот свет, а се надевам дека барем делумно од неговите навики ќе ги прифатите и ќе го почувствувате благодетот на тој начин на исхрана. Доволно е барем еднаш во неделата да си испочитувате ден на свежа храна и свежи сокови (овошни и зеленчукови, но може и комбинирани), па да се соберат четири за еден месец. Многу бргу ке ја осознаете и почувствувате силата на свежото – свежа храна = свежо тело.
Доаѓаме до сознание дека храната која ќе не држи во одлична ментална и физичка кондиција и во повозрасната доба треба да изобилува со голем број на антиоксиданти. Секако највеќе ги има во овошјето и зеленчукот. Единица мерка за јачина на антиоксиданти се вика ОRAC (oxygen radical absorbance capacity). Постои табела во која се опфатени стотина продукти со високо ниво на антиоксиданти (овошје, зеленчук) и во таа табела може да се најдат многу од овошјата и зеленчуците од нашето поднебје кои треба секојдневно да бидат дел од нашата исхрана.
Треба да си внимаваме да внесуваме храна која нема да ни го покачува нивото на шеќерот во крвта (шеќер, слатки направени со шеќер, бел ориз, стар компир, варени моркови – свежи може, бел леб, тестенини и пити од бело брашно…). Затоа при конзумирање овошја што се послатки како лубеница, грозје, банана, а притоа да не ни се качува шеќерот во крвта треба заедно со овошјето да пиеме вода и да јадеме сирови кикирики, несолена леблебија, ореви, бадеми, сирови семки сончоглед, сирови семки од тиква… На овој начин ќе го нормализираме превисокото лачење на инсулин во крвта. Држење на инсулинот во нормала е многу важен момент. Ако ден за ден му дозволиме да здивува набргу ќе се соочиме со дијабет, ќе се зголеми нивото на лош холестерол, на триглицериди, ќе си ги стесниме артериите, па ќе следат болести на срцето, ќе создадеме база за малигни заболувања…
Ајде да ги менуваме навиките во исхраната. Еве неколку клучни совети кои ако ги почитувате ќе ве водат во здраво долголетие во кое ќе бидете активни учесници во секоја сфера на вашиот интерес. Со стареењето не смееме да си го изгубиме личниот идентитет заради навјасани болести кои може да не уништат, но јас сакам да ме заобиколат, а тоа зависи само од мене. Одлуката е ваша.
Совети за здрава исхрана кои водат до млада старост
Правило 1. Пијте најмалку 7-8 чаши вода на ден. Водата да не се пие за време ручек и два часа потоа. Водата се пие заедно со овошјето.
Правило 2. Јадете свежо сезонско овошје секој ден, и задолжително секој ден да се јадат црвени бобичести овошја околу 100-200 грама (боровинки, рибизли, капини, малини…) – може да бидат и замрзнати. Овошјето треба да се јаде на гладен желудник и да не се меша со другата храна. Значи немојте да јадете овошје како десерт.
Правило 3. Секој ден да се конзумираат сирови јатки, може измешани со сирови семки, но и со суво овошје. Да се јаде една шака од оваа мешавина секој ден.
Правило 4. Јадете здрави протеини – риба која треба да биде помрсна бидејки таа маснотија е извор на омега 3 масни киселини – лек за нашиот организам. Може да конзумирате и јајца но да не се пржени туку варени или печени или приготвени без масло. Јас препорачувам два пати во годината на пролет и есен да се пијат живи јајца од јапонска препелица по 5 секое утро со вода или цеден сок. Понекогаш може да јадете (ако до толку имате желба) месо од препелица, домашно пилешко, мисиркино месо.
Правило 5. Јадете повеќе пати неделно готвени мешунки (грав, грашак, лека, боранија, наут…) во кои ќе додадете по некоја лажица житарки како хељда и просо. Во синергија на мешунките и житарките се добиваат тн. хумани протеини. Во овие варива може по желба да се додаваат и печурки.
Правило 6. Конзумирајте здрави маснотии – ладно цедено маслиново масло, ленено масло, кокосово масло, зимно време да се пие рибино масло, понекогаш може путер (маргарин да се исклучи – најлоша тн. трансмаснотија). Маслата да не се третираат термички. Инаку ние маснотиите си ги конзумираме преку јатките, семките, авокадо, маслинки…
Правило 7. Конзумирајте здрави житарки – целозрнести во кои се содржат голем број на антиоксиданти и други потребни состојки за нашиот организам. Лебот, тестенините, пекарските производи кои се направени од интегрално – целозрнесто (црно) брашно може да ги конзумираме но секако не во големи количини, а белите да се исклучат од употреба. Се враќаме назад во историјата кога луѓето користеле исклучиво црно брашно.
Правило 8. Да се исклучи шеќерот, слатки направени со шеќер, да се исклучат вештачки засладувачи како натрен, аспартам… Како засладувач најдобро е да се користи најстариот природен засладувач стевиа – со нула гликемиски индекс, агаве сируп, но може понекогаш во мали количини мед, маџун, малтекс…
Правило 9. Со готвеното јадење (ручек, вечера) задолжително да се јаде свеж зеленчук како салата или свеж зеленчуков сок за да си обезбедиме алкалност, ензими, благовремено варење на храната.
Правило 10. Добро е еднаш во неделата темелно да го чистиме организмот од отровите, а тоа ќе го постигнеме со практикување на свежо овошје и зеленчук, сирови јатки и семки и многу чаши вода свежо цедени сокови во кои додаваме 30% вода. Обично по викенд еден ваков ден на свежа храна е добредојден.
Правило 11. Пешачете секој ден барем по 40-тина минути. Добро е да се прават и вежби со правилно дишење а за тоа ќе добиете совет од професионални тренери.
Правило 12. Дружете се со позитивни луге, слушајте музика, одете на викенд во природа.
Правило 13. Бидете максимално активни, работете го она што ве исполнува, ден за ден надградувајте го своето знаење и умеење. Активностите кои ве исполнуваат ќе ве држат во одлична ментална и физичка кондиција.
Секако би имала уште многу совети да споделам, но доволно е да започнете со почитување на веќе дадените совети, а вам полека но сигурно ќе ви се надградат уште многу сознанија кои ќе ве водат во здрава и пријатна долговечност.
Пишува: сертифициран нутриционист, консултант Цвета Динева од ЦД диет клуб Скопје, контакт тел. 02 3214 099 или 078 363 903.