Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Националното здружение за МС и Универзитетската клиника за неврологија – Скопје

На 8. октомври 2026 година, Национално здружение за МС и ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија – Скопје потпишаа Меморандум за соработка со цел унапредување на здравствената заштита и поддршката на лицата со мултипла склероза.
Со овој Меморандум се воспоставува основа за меѓусебна соработка насочена кон подобрување на квалитетот и достапноста на здравствената заштита, зголемување на информираноста на пациентите и нивните семејства, како и унапредување на квалитетот на животот на лицата кои живеат со мултипла склероза.
Соработката ќе опфаќа заеднички едукативни настани, предавања, работилници и кампањи за подигање на јавната свест за мултипла склерозата, подготовка и споделување едукативни и информативни материјали, размена на стручни информации и искуства, како и иницирање активности и проекти насочени кон унапредување на здравствената заштита и поддршката на пациентите.
Посебен акцент ќе биде ставен на подобрувањето на комуникацијата и соработката меѓу пациентите и здравствените работници, навременото препознавање, дијагностицирање и следење на болеста, како и идентификувањето на потребите и предизвиците со кои се соочуваат лицата со МС.
Со потпишувањето на Меморандумот, двете страни ја потврдуваат својата заедничка намера за развивање партнерство засновано на заемна почит, професионалност, транспарентност и почитување на правата и достоинството на пациентите.
Националното здружение за МС продолжува да се залага за унапредување на положбата на лицата со мултипла склероза, зајакнување на соработката со здравствените институции и создавање подобри услови за здравствена заштита, информираност и поддршка на сите кои живеат со оваа болест.
Веруваме дека соработката меѓу здравствените институции и здруженијата на пациенти е важен чекор кон подобар и поквалитетен живот за лицата со мултипла склероза.