Виртуелен МС советник
Скопје, 28. октомври 2020 година.
Националното здружение за МС ве информира дека во наредниот период ќе започне со спроведување на нов проект во интерес на лицата со мултипла склероза. И покрај тоа што се трудиме навремено да споделиме корисни и релевантни информации до сите засегнати страни преку нашите канали за комуникација, Facebook страна, веб страна, емаил, ја увидовме потребата за подобрување на информираноста на лицата со мултипла склероза (МС).
Имаме прилика да приметиме дека на социјалните медиуми постојат низа групи за лица со МС, во кои членовите меѓусебно се советуваат и разменуваат искуства, кое претставува одличен начин на поддршка, но за жал, често се споделуваат погрешни и непроверени информации, кое би можеле да влијаат врз квалитетот на живот на пациентите и претставува потенцијална опасност која може да има негативни последици врз здравствената состојба на пациентите.
Исто така, забележавме дека сè уште постои одреден број на пациенти кои не се осмелуваат да побараат совет или помош од стручно лице што говори дека мултипла склерозата сè уште претставува табу тема.
Сето ова ни даде до знаење дека е потребно секојдневно да работиме на зголемување на достапноста на начините за информирање на лицата со МС и негувателите, а посебно од страна на стручни лица кои се бават со мултипла склероза или лица кои можат да дадат стручен совет во домен на својата специјалност, а лицата со МС ќе добијат одговор кој е проверен, ажуриран и наменет конкретно за нив. Од наведените причини е осмислен проект кој ќе има за цел на лицата со мултипла склероза да им обезбеди стручни одговори на нивните прашања и дилеми.
ЗА ПРОЕКТОТ „ВИРТУЕЛЕН МС СОВЕТНИК“
Проектот „Виртуелен МС советник“ нуди одлична можност за пациентите со мултипла склероза да поставуваат прашања по однос на сето она што ги интересира околу мултиплата склероза до високостручни лица (невролог, психолог, физиотерапевт, нутриционист) на кои ќе добијат одговор базиран на релевантни извори. Затоа ги охрабруваме лицата со МС да бидат активни и да поставуваат прашања до ангажираните стручњаци, на кои прашања ќе добијат одговор во најбрз можен рок.
Тимот на стручни лица се состои од:
- науч. сор. д-р Иван Барбов
- науч. сор. д-р Игор Кузмановски
- науч. сор. д-р Николина Тановска
- д-р Бојан Бошковски
- д-р Слободанка Бурнеска Саздова
- лиценциран психолог Наташа Митровска
- физиотерапевт Илија Жежов
- сертифициран нутриционист Цвета Динева
Проектот ќе започне да се спроведува oд ноември 2020 година и ќе трае во следните неколку месеци. Во тек на проектот, планирано е да бидат поставени повеќе од 60 прашања кои ќе бидат снимени и поставени во посебен дел на нашата веб страница.
Поставете го Вашето прашање тука.
Сите активности кои ги спроведува Националното здружение за МС, секогаш се во интерес на задоволување на потребите на лицата со МС и нивните негуватели, затоа и во иднина ќе продолжиме да реализираме високо квалитетни проекти со цел задоволување на нашата мисија, унапредување на квалитетот на живот на лицата со мултипла склероза.