ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА СПЕЦИЈАЛИЗИРАНАТА МЕДИЦИНСКА РЕХАБИЛИТАЦИЈА КАКО ПРОДОЛЖЕНО БОЛНИЧКО ЛЕКУВАЊЕ (БАЊСКО ЛЕКУВАЊЕ) КАКО ДЕЛ ОД ТРЕТМАНОТ КАЈ МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА
Значењето на медицинската рехабилитација во третманот на мултипла склероза е повеќестрано бидејќи делува благотворно на општата здравствена состојба кај пациентите и може да придонесе за ублажување на несаканата симптоматологија кај дел од органските системи (локомоторниот систем, делови од нервниот систем и сл.) кај овие лица. Здравствените системи во светот (вклучително и нашиот зрдавствен систем) ја препознаваат потребата од континуирани рехабилитациони третмани со бањско лекување кај лицата кои имаат МС, па затоа препорачуваат и овозможуваат редовно користење на овие терапевски методи за пациентите.
Заради постигнување на максимални резултати при третманот, истиот се изведува во специјализирани здравствени установи и природни лекувалишта- бањи, при што се користат мултидисциплинарни модели кои во зависност од процената на стручните медицински тимови може да вклучуваат: физикална терaпија (масажа, кинези терапија, електротерапија, хидротерапија, термотерапија, фототерапија, примена на ултразвук), оспособување со стручна работа и со соодветни медицински помагала, со цел спречување или отстранување на намалена работна односно функционална способност на лицето, како и обезбедување на кардиолошки и респираторни рехабилитациони постапки.
Мултипла склерозата (со средно тешки и тешки испади на локомоторниот систем во фаза на ремисија- со шифра на дијагноза по МКБ-10: G.35) спаѓа во листата на индикации за кои е препорачана медицинска рехабилитација- бањско лекување.
Лицата со мултипла склероза можат да го користат правото на специјализирана медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување (бањско лекување) на товар на фондот за здравствено осигурување за што е потребно до Фондот да ја достават следната медицинска докуметација: специјалистички извештај од лекар- специјалист, (најчесто невролог) или отпусно писмо (доколку лицето било на болничко лекување) каде првично ќе биде констатирана потребата од специјализираната медицинска рехабилитација- бањско лекување, по што специјалистот ќе го упати лицето да обезбеди Конзилијарно мислење од болничка здравствена установа во која се лекувало лицето, а која има склучено договор со Фондот за здравствено осигурување. Конзилијарното мислење го потпишуваат тројца лекари специјалисти- супспецијалисти и директорот на здравствената установа.
По добивањето на Конзилијарното мислење, истото заедно со медицинската документација го разгледува Лекарска комисија на Фондот за здравствено осигурување, која дава мислење за потребата и оправданоста од медицинска рехабилитација како и мислење за потребното траење на истата. По потреба, Комисијата може да изврши непосреден преглед на лицето. Доколку лицето не е задоволно од мислењто на комисијата, во рок од три дена од приемот на истото, може да поднесе приговор до второстепена лекарска комисија на Фондот за здравствено осигурување.
Откако ќе се добие позитивно мислење од лекарската комисија на Фондот за здравствено осигурување, заедно со целокупната документација (специјалистички извештај/и, Конзилијарно мислење и мислење на лекарската комисија на Фондот за здравствено осигурување) се поднесува барање за остварување на правото до Фондот за здравствено осигурување преку подрачната единица според живеалиштето на лицето. Барањето може да се поднесе во рок од 1 (еден) месец по извршениот специјалистички преглед, (односно 1 месец по завршеното болничко лекување доколку лицето било на болничко лекување. Доколку при болничко лекување е потребен и контролен преглед рокот се продолжува до 3 месеци по завршеното болничко лекување).
После тоа, Фондот за здравствено осигурување носи Решение за остварување на правото на специјализираната медицинска рехабилитација (бањско лекување), каде што го определува и траењето на рехабилитацијата (најмногу до 21 ден) како и обврската лицето да го започне лекувањето најдоца 2 месеци по добивањето на Решението.
Лицето може да оствари право на специјализирана медицинска рехабилитација за исто заболување, само еднаш во период од една година.
Важно е да се напомене дека со измените на правилникот кој го уредува остварувањето на ова право, донесени во 2018 година, лицата можат да го користат правото на бањско лекување еднаш во една календарска година, независно од тоа во кој период од годината е користено правото претходниот пат (во претходната календарска година), а не како што беше случај претходно, да може да се користи ова право еднаш во период од една година, сметано од денот на последното утврдување на потребата од бањско лекување.
Условите и постапката за остварување на правото на специјализираната медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување (бањско лекување) се регулирани со Правилникот кој ви е достапен на Веб страницата на Националното здружение за МС во делот на Закони и прописи, или тука.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
За да дознаете повеќе за здружението посетете ја веб страницата http://msmakedonija.eu.org/za-nas.