ПРАШАЊЕТО ЗА ПОВЛАСТЕНО КОРИСТЕЊЕ НА ПАРКИНГ УСЛУГИТЕ ОД ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ПРЕД НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ
Почитувани членови,
Како што бевте информирани во текот на минатата година Националното здружение за помош и поддршка на лицата со мултипла склероза го актуелизираше прашањето за одредени недоследности при користење на поволностите поврзани со паркинг услугите за лицата со попреченост, односно потребата од стандардизирани ознаки за возилата кои ги користат лицата со попреченост, ефикасен систем на евиденција и контрола на овие возила како и ограничувањето за повластено користење на јавните патркиралишта само за жителите на Град Скопје.
Меѓу другото, за таа цел поднесовме претставка до Народниот правобранител која е разгледана и по нашите укажувања се превземени одредени чекори. Имено, во врска со прашањето за користење на стандардизирани ознаки-налепници за возилата кои ги користат лицата со попреченост бевме информирани дека од Министерството за труд и социјална политика е побарано да донесе подзаконски акт и да превземе мерки за уредување на постапката за издавање на посебен знак, преку назначување на квалификуван субјект кој ќе изработи таков знак и да го следи пуштањето во потег на посебните знаци до крајните корисници. Министерството во одговор на ова укажување посочило дека во соработка со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на правата на лицата со попреченост при Владата, започнати се активности за доуредување на постапката пропишана во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во однос на прашањето за можноста и граѓаните од другите градови да ги користат повластувањата за паркинг услугите Народниот правобранител по поднесената претставка се обратил до „ЈП Градски Паркинг“ од каде посочиле дека во соработка со Град Скопје се планира измена на „Програмата за повластено користење на паркинг услугата на јавните паркиралишта и јавните површини наменети за паркирање (зонско) од страна на лицата со попреченост“, за кое прашање била формирана посебна работна група. По одржаните средби работната група донела неколку заклучоци според кои потребно е:
- Да се направи анализа на начинот на уредување на ова прашање во земјите од нашето опкружување;
- Да се унапреди ефикасноста при трасфер на одобрените финансиски средства за таа намена од Град Скопје кон „ЈП Градски Паркинг“;
- Да се анализира начинот на финансирање на паркинг дозволите доколку евентуално се прошири опфатот на дијагнози кои би можеле да користат бесплатни паркинг услуги и доколку оваа можност би била достапна и за граѓаните од другите општини;
- Да се разгледа можноста за финансирање на ваквите потреби преку определени фондови во Советот за безбедност во сообраќајот на РСМ;
Исто така, Народниот правобранител укажува дека „ЈП Градски Паркинг“ се обратил до Министерствотоза труд и социјална политика со иницијатива за соработка во врска со ова прашање, по што требало да се одржи заедничка средба, но таква среедба сѐ уште не е реализирана.
Националното здружение за МС изразува задоволство од посветениоста и превземените дејствија на Народниот правобранител во врска со нашите барања и од подготвеноста на Јавните претпријатија да се разговара за овие важни прашања кои ќе овозможат полесен пристрап до паркинг услугите и за граѓаните кои живеат надвор од Градот Скопје, и воедно изразува увереност дека со јасна насоченост и работа на сите субјекти, заедно ќе успееме да најдеме долгорочно и одржливо решение за овие важни прашања за лицата со мултипла слкероза.
За сите следни чекори поврзани со овие прашања Националното здружение за МС ќе Ве информира навремено.
Искрено Ваш,
Тимот на Националното здружение за МС