Достапни повеќе услуги од Македонски Каритас за лицата со МС
Почитувани,
Ни претставува посебна чест да ви обзнаниме дека соработката со хуманитарна организација Македонски Каритас започната во април 2023, веќе за неполна година прерасна во сериозна услуга за лицата кои се соочуваат со МС.
Покрај досегашната помош во обезбедување лекови, храна/намирници и основни хигиенски средства, на неодамнешниот состанок беше договорено проширување на листата на услуги кои би биле достапни за лицата со МС.
Сега лицата со МС ќе можат да добијат помош и во следното: обезбедување дрва за огрев, физикална терапија и дополнитени терапевтски третмани, вклучувајќи и транспорт до местата каде што се дава оваа услуга, како и транспорт до установи и институции за здравствена затита.
Оваа помош првенствено е наменета за лица од социјален ризик, самохрани родители, лица кои тешко се движат и не се во можност финансиски да ги сносат трошоците.
Доколку спаѓате во оваа категорија лица, не двоумете се, исконтактирајте ги Македонски Каритас на телефонскиот број: 075 378 337.
Со цел да ја заштитиме вашата приватност и достоинство немате обврска да пријавите потреба за користење на овие услуги во Националното здружение за МС.
Националното здружение за МС вложува напори да обезбеди достоинствен живот за лизата со МС, со цел задоволување на потребите и барањата на своите членови, а сето ова во насока на подобрување на квалитетот на животот на лицата со МС и нивните семејства.
За да се запознаете со работата и активности хуманитарната организација Македонски Каритас посетете ја нивната Веб дстраница.
ЗА НАЦИОНАЛНОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance), асоцијативна членка на Интернационалната МС федерација (анг. MS International Federation) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.