Потпишан меморандум за соработка со ЕМСА

На наше големо задоволство и неколку успешни заеднички соработки Националното здружение на МС потпиша Меморандум за соработка со Европската медицинска студентска асоцијација (ЕМСА), Македонија и на тој начин ја официјализиравме соработката.
Целта на овој меморандум е воспоставување рамка за соработка помеѓу двата правни ентитети, со цел заедничко делување во областите на едукација, поддршка на пациентите и зголемување на свеста за мултипла склероза.
Во насока на остварување на суштината на потпишаниот документ ЕМСА Македонија се обврзува да:
- Организира едукативни настани, работилници и кампањи за подигнување на свеста за мултипла склероза;
- Промовира здравствено образование и превенција меѓу студентите и пошироката јавност;
- Помага во организирање на волонтерски активности;
- Обезбеди студенти кои ќе учествуваат во поддршка на активности наменети за пациентите.
Од друга страна пак Националното здружение за МС се обврзува да:
- Обезбеди информации за актуелната состојба на пациентите со мултипла склероза во Македонија, како и да дава поддршка за организирање на активностите;
- Претставува и организира настани, кампањи кои се однесуваат на потребите на лицата заболени од мултипла склероза;
- Обезбеди контакти со пациентите и нивните семејства за вклучување во програмите кои ќе бидат организирани во рамките на соработката.
Двете страни ќе работат на:
- Заедничка организација на работилници, семинари, конференции со цел да ги подигнат јавната свест и да обезбедат информации за мултипла склероза.
- Меѓусебна размена на информации: Двете организации ќе ја разменуваат релевантната литература, истражувања и материјали кои се од важност за поддршка на пациентите со МС.
- Поддршка на иницијативи: Страните ќе соработуваат за развој и спроведување на нови проекти и иницијативи кои ќе ги поддржат пациентите со мултипла склероза и ќе помогнат во подобрувањето на нивните услови на живот.
Ова претставува чекор напред кон постигнување на заедничка соработка со идните доктори и продуцирање на потенцијални, квалитетни кадри со цел обезбедување висококвалитетна грижа на лицата со МС.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 11. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance), асоцијативна членка на Интернационалната федерација за МС (анг. MS International Federation) и членка на Националната Алијанса на пациентски организации (НАПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
За да дознаете повеќе за здружението посетете ја нашата веб страница.