Нашиот сајт е прогласен за „НАЈДОБАР САЈТ ЗА НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ ЗА 2020″
Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза со огромна чест информира дека веб сајтот на Националното здружение за МС се закити со епитет победник во категоријата „НАЈДОБАР САЈТ ЗА НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ 2020“, на изборот за Сајт на годината кој се одржа неодамна.
Оваа година по 11-ти пат беше одржана престижната манифестација Избор на Сајт на годината на која од вкупно 533 номинирани сајтови беа прогласени по три победници во 18 категории.
Прогласувањето на победниците за 2020 година се одржа на 16.12.2020 година преку онлајн стриминг платформи достапни на Sajtnagodinata.mk и на Фејсбук профилите на организаторот „Media Solutions“.
Годинава, како резултат на светска пандемија со COVID-19 посебно се потенцираше потребата од квалитетен сајбер простор. Во услови на препорачана физичка дистанца и неопходноста секојдневните активности да се одвиваат онлајн беше принудно нашите животи да ги прилагодиме на новонастанатата ситуација, а со самото тоа, за кратко време да ги прилагодивме своите активности преку интернет.
Изборот на Сајт на годината традиционално се одржува од 2010 година и во текот на овие 10 години прерасна во алатка за промоција на талентот на сè поголема група сопственици на сајтови, дизајнери, програмери, новинари, фриленсери и огромен број ентузијасти кои работат во сајбер просторот во Македонија.
Избор за Сајт на годината е проект во организација на дигиталната маркетинг агенција „Media Solutions“, која е сопствeник на платформата keepaneye.mk, во партнерство со АдМедиа, со поддршка на Министерство за култура, кој има за цел да ги промовира, развива и поддржува интернет медиумите и севкупното интернет издаваштво во Македонија. Мисијата на оваа манифестација е да го подигне нивото на електронскиот медиумски простор во Македонија преку препознавање и наградување на најдобрите остварувања од разни области на електронското издаваштво и развој на интернет културата во Македонија.
Посебно сме благодарни на сите кои го препознаа нашиот труд, ја поддржаа нашата работа и придонесоа да ја добиеме оваа престижна награда. Ова претставува дополнителен мотив и поттик за понатамошна посветена работа во интерес на лицата со мултипла склероза и членовите на нивните семејства.
ЗА НАЦИОНАЛНОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Од 7. мај 2020 година, Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.