Клиниката за неврологија, Скопје доби нов дијагностички апарат за електрофореза
Почитувани,
Денес, 10.11.1023 година, на ЈЗУ Универзитетската клиника за неврологија, Скопје се одржа прес конференција по повод промоција на нова медицинска опрема и реновирани специјалистичко – консултативни амбуланти.
Посебна гордост на Националното здружение за МС претставува што сме иницијатори за обезбедување на апарат за електрофореза кој се користи за анализа на церебралноспинален ликвор, односно одредување на имунолошката активност кај пациенти кои се дијагностицираат со мултипла склероза.
„Апаратот за електрофореза ќе овозможи брза и ефикасна дијагностика. Во дијагностицирањето човечкиот фактор ќе биде намален и ќе се добиваат поверодостојни резултати. Рано ќе може да се согледа болеста за пациентите да бидат ставени на соодветен третман, а со тоа ќе се овозможи да се заштитат од прогресијата на болеста и настапување на иреверзибилен инвалидитет. Ова е болест на млада, работоспособна популација. Најчесто се дијагностицира на 20 до 40 годишна возраст. Благодарност најмногу треба да упатам до компанијата „Моцарт’“ која што ги согледа нашите потреби, на лицата со МС и одвои значителна сума средства за набавка на овој апарат за електрофореза“, изјави Претседателот на Здружението Ана Карајанова-Димитрушева.“
Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити изјави: „Со вакви соработки меѓу институциите, здруженијата и компаниите се унапредуваат состојбите во здравството.“
„Барањето за овој апарат, морам да напомнам дека ни стигна од Претседателот на Здружението за мултипла склероза, госпоѓата Ана. Ни беше големо задоволство што успеавме да го направиме сето ова бидејќи знаеме колку овој апарат е важен за Клиниката, а посебно за сите оние кои се соочуваат со оваа болест. Нашата соработка и со Клиниката и со Здружението продолжува и понатаму како и нашата мисија да се помогне секаде каде што тоа е потребно“, изјави Стефановска-Крстевска.
Националното здружение за МС неуморно ќе продолжи со работа во насока на овозможување и обезбедување на сѐ подобри услуги и можности за лицата кои се соочуваат со мултипла склероза.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance), асоцијативна членка на Интернационалната федерација за МС (анг. MS International Federation) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
За да дознаете повеќе за здружението посетете ја веб страницата http://msmakedonija.eu.org/za-nas.