Достапни се уште две едукативни брошури за лицата со мултипла склероза
Националното здружение за МС во соработка со фармацевтската компанија Biogen и стручни лица – невролози од ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија – Скопје, реализираше шест едукативни материјали наменети за лицата со мултипла склероза (МС) и лицата кои се грижат за нив.
Сега се достапни уште две нови брошури кои веруваме дека ќе бидат од голема помош за лицата со мултипла склероза и нивните најблиски.
Разбирањето на емоциите и преземање чекори за подобро справување со истите се корисни вештини кои секој треба да ги развие. Следејќи ја Вашата дијагноза со МС, вие веројатно доживувате еден спектар емоции со кои не сте морале претходно да се справувате.
Брошурата „МС и емоциите“ е еден вид упатство за разбирање на емоциите кои може да ги доживеете додека живеете со МС и одредени техники кои може да ви помогнат за вашата емоционална добросостојба..
Клучно за доброто здравје е да бидете активни, да имате балансирана исхрана и да одржувате здрава тежина. Ова важи за сите нас.
Одржувањето здрав животен стил може да помогне да се чувствувате подобро, да го намалите заморот и да го подобрите Вашето целосно чувство на добросостојба.
Во рошурата „МС и исхраната“ ќе најдете насоки за диета и здрава исхрана за луѓето како вас кои живеат со МС. Вклучени се специјалисти, како што се диететичари и сертифицирани нутриционисти кои може да ви дадат стручен совет.
Овие брошури заедно со останатите се достапни на официјалната веб страна на Националното здружение за МС во делот Публикации, воедно достапни се и во печатена форма на клиниката за неврологија од каде сите заинтересирани лица ќе можат да подигнат примерок.
Ова е доказ дека Националното здружение за МС континуирано се грижи за доброто на лицата со МС, трудејќи се со своите активности да ги опфати сите аспекти кои влијаат на подобрување на животот на лицата со МС, а воедно и полесно справување со секојдневните предизвици кои ги носи оваа хронична болест.
ЗА НАЦИОНАЛНОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.