Еден месец од започнување на проектот за психолошка и психотерапевтска помош и поддршка
Скопје, 02. октомври 2020 г.
Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза информира дека измина еден месец од започнување на проектот насловен „Психолошка и психотерапевтска помош и поддршка за лицата со МС“.
Проектот започна на почеток на септември и досега се одржани повеќе од 23 индивидуални сеанси помеѓу психотерапевт и корисник. Според повратните информации кои секојдневно пристигнуваат до нас, корисниците се задоволни и изразија огромна благодарност за можноста да користат ваков вид на услуга, која целосно ги исполнила нивните очекувања и е прилагодена за потребите на пациенти со хронични болести. Посебно, корисниците упатија позитивни зборови поради високиот стандард и професионалност, дотолку повеќе што состаноците се одржуваа индивидуално (психотерапевт и корисник) така што можеше да се работи конкретно на потребата и проблемот со кој се соочува самиот клиент, а воедно да се испочитува достоинството и интимата на секој корисник и секако состанокот да се одвива во релаксирана и пријатна атмосфера.
Корисниците на услугата ја користат оваа услуга бесплатно, а сите трошоци за спроведување на истата ги покрива Националното здружение за МС.
Ги охрабруваме лицата со мултипла склероза, членови на Националното здружение за МС, да не се двоумат, туку да ја користат оваа услуга, бидејќи во последните шест месеци покрај товарот од справување со хронична болест се соочуваме и со стресната состојба предизвикана од COVID-19, кое би можело негативно да влијае на нашата здравствената состојба. Подетални информации за овој вид услуга ви се достапни на следниот линк.
Националното здружение за МС ќе продолжи и во иднина да работи во насока на обезбедување на услуги и задоволување на потребите кои се во интерес на лицата со мултипла склероза затоа што секој успех ја оправдува целта на нашето постоење како правен ентитет.