Допис до здравствените власти, 30.10.2020 г.
Скопје, 30. октомври 2020 година
Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС информира дека денес поднесе барање до Министерството за здравство, Комисијата за заразни болести, Универзитетската клиника за неврологија и до медиумите. Дописот ви го прикажуваме во целост.
Почитувани,
Со овој допис го изнесуваме ставот на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС по однос на невонастанатата состојба, односно адаптација на Клиниката за Неврологија како КОВИД центар во кој ќе се примаат и сместуваат новите пациенти со Ковид 19.
Здружението за МС го изнесува следното:
- Најостро реагираме на ваквото решение од следните причини:
- Пациенти со мултипла склероза како невролошо заболување спаѓаат во пациенти со висок ризик;
- Пациентите со високоактивна МС својата имуносупресивна терапија ќе треба да ја примаат токму во просториите каде би биле сместени пациентите со Ковид 19;
- До неодамна пациентите со МС беа опфатени со мерките донесени од Владата на С. Македонија и ослободени од работни обврски од причина што спаѓаат во високоризична група на пациенти.
Бараме да ја преиспитате ваквата одлука и да донесете поприфатливо решение со цел оваа група на високоризични пациенти да не биде доведувана во опасност, со оглед на тоа дека се работи за високоризични пациенти од кои повеќето се приматели на имуносупресивна терапија.
Ви благодариме и се надеваме дека ќе биде земено предвид нашето барање.
ЗА НАЦИОНАЛНОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Од 7. мај 2020 година, Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.