Нов проект – „СЕ ГРИЖИМЕ ЗА ЛИЦАТА СО МС“
Нов проект за лицата со МС, членови на Националното здружение – „СЕ ГРИЖИМЕ ЗА ЛИЦАТА СО МС“
Посебна гордост ни претставува да обзнаниме дека Националното здружение за МС оствари соработка со Центарот за масажа и одржување на тело ФИЗИОТЕРАПЕВТ – ЗДРАВЈЕ Гостивар, токму заради излегување во пресрет на потребите на лицата со МС во насока на подобрување и одржување на целокупната здравствена состојба на пациентите со МС, активирање на организмот и одржување на телесна и мускулна подготвеност.
„Се грижиме за лицата со МС“ е пилот проект кој ќе започне да се реализира од февруари, во Центарот за масажа и одржување на тело ФИЗИОТЕРАПЕВТ – ЗДРАВЈЕ, Гостивар, а се состои од МАСАЖА ВО ВРЕМЕТРАЕЊЕ ОД ЕДЕН ЧАС или ЕДЕН ЧАС КИНЕЗИТЕРАПИЈА ВЕЖБИ.
Повеќе информации за Центар ЗДРАВЈЕ на: https://www.facebook.com/profile.php?id=100074397672857
Како изгледа Центар ЗДРАВЈЕ? Видете ги сликите подолу.
Сите лица со МС, членови на Националното здружение за МС, ќе можат да ја користат оваа услуга бесплатно еднаш месечно, бидејќи трошоците за спроведување на истата ќе бидат покриени од страна на Националното здружение за МС.
Понатаму, во зависност од интересот и потребите на корисниците, како и расположливите ресурси постои отворена можност да ја овозможиме оваа услуга и во другите градови и/или да ја прошириме палетата на услуги.
Националното здружение за МС се грижи, ги согледува вашите потреби и се труди да излезе во пресрет со цел обезбедување и подобрување на квалитетот на животот на лицата со МС.
Чувајте се и грижете се за сопственото здравје!
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Од 7. мај 2020 година, Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.