3 работи кои можете да ги преземете доколку имате страв од анализа на крвта

Кога бев дијагностициран пред седум години, една од најтешките работи со кои се соочив беше помислата дека треба да се прават редовни анализи на крвта. Бев преплашен од игли.
Никогаш претходно не ми била потребна анализа на крвта. Мајка ми е крводарител и порано сакав да одам со неа затоа што ми даваа бонбончиња додека чекав. Подоцна, таа добиваше и значки во знак на благодарност за повеќекратното дарување крв. Никогаш не видов игли, единствено многу луѓе легнати на креветите во големата сала.Си помислив: „Ако процедурата за анализа на крвта е иста со оваа, не може да биде толку страшно, нели?“
Но, кај вадењето крв за анализа не добивате бонбончиња и секако не ви даваат значки (замислете ако добивавме значки, до сега сигурно ќе имавме стотици). Најчесто, вие се наоѓате во мала соба, заедно со медицинската сестра и се надевате дека таа знае што прави, го правела ова претходно.
Не ја знам мојата крвна група, ниту пак знам какви анализи на крвта се прават кога имате МС, единствено знам дека се потребни. Знам и дека секоја терапија е различна.
Мојата терапија вклучува “Tecfidera (Dimethyl fumarate)” и колку што знам, се анализираат моите бели крвни зрнца (клетките на имуниот систем) и некои други работи. Понекогаш е потребна и анализа за присуството на витаминот Д, која јас самиот треба да ја побарам.
При третманот со “Dimethyl fumarate” потребно е да се прави анализа на крвта на секои три месеци. Во спротивно лекот не може да ми биде издаден. Сите лекови се различни и доколку не сте сигурни, најдобро е да се консултирате со вашиот медицински тим кои анализи на крвта треба да ги направите.
Откако во последните пет години направив толку многу анализи на крвта, помислив да го пренесам моето искуство, и моите три најдобри совети како да се справите со стравот и непријатноста. Ова се работи кои никој, никогаш не ми ги кажал.
- Испијте половина литар вода еден час порано
Паѓав во бесознание при секое вадење крв за анализа. Се создаваше толкав голем страв и вознемиреност, што не можев ниту да јадам, ниту да пијам. Како што претпоставувате, ова воопшто не е корисно и треба да пиете барем половина литар вода, еден час пред посетата на лабораторија. Уште еден корисен совет: Секогаш имајте при рака нешто слатко (претпоставувам дека затоа добиваме бонбончиња откако даруваме крв). Водата помага вашите вени да станат поистакнати и повидливи.
- Останете смирени
Стресот и вознемиреноста при вадењето крв за анализа се сосема нормални. Се сеќавам како седев во чекалната, чекав да дојде мојот ред и се тресев од страв. Од тогаш развив неколку стратегии за справување со вознемиреноста, и сега не сум нервозен ни најмалку.
Ако се чувствувате вознемирено, кажете му на техничарот кој ви вади крв, за да може да ве смири. Ако сте загрижени за болката која ја предизвикува иглата, можете да побарате крем за вкочанување на местото каде треба да ве боцнат. Можете исто така да се обидете да побарате помала игла (најчесто се нарекува пеперутка). Така, искуството би било помалку болно.
Запомнете, процедурата завршува за многу кратко време, трае само неколку секунди. Дишете длабоко и практикувајте ги моите вежби за вознемиреност.
- Побарајте помош
Еден совет кој е лесен да се примени. Медицинските сестри во Велика Британија често ја користат фразата “гребнатинка’ (sharp scratch) и ја изговараат непосредно пред да ве боцнат, што јас лично сметам дека воопшто не е од корист. Понекогаш ги замолувам да не го прават тоа, затоа што кога ги кажуваат тие зборови чувствувам како телото ми се згрчува, во одбрана на она што следи. Заради напнатоста и згрченоста на телото се предизвикува поголема болка и се појавуваат модринки.
Дали медицинските сестри во вашето место ја користат оваа фраза? Ако не, што велат тие?
Уште еден совет: Вдишете длабоко непосредно пред да ве боцнат. На тој начин го одвлекувате вниманието и помалку ве боли. Сè ќе се заврши за две секунди.
Ако имате некои совети кои можеби јас не ги спомнав, ве молам споделете ги.
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.