Што предизвикува преоптоварување на сетилата кај мултипла склероза (сензорно преоптоварување)?

Многу од лицата со мултипла склероза (МС) имаат симптоми за кои не се зборува многу. Еден од нив е сензорното преоптоварување. Кога се опкружени со бучава, изложени на премногу визуелни стимули или кога се наоѓаат во нови или гласни средини многу лица со МС велат дека доживуваат конфузија, замор и болка.
Понекогаш сензорното преоптоварување е поврзано со миоклонус, симптом предизвикан од стимул, кој може да предизвика неконтролирано грчење на мускулите.
Ја прашавме МС заедницата на Facebook кои се предизвикувачите на преоптоварување на сетилата кои тие ги доживуваат. Прочитајте за да видите што кажале.
Бучава
„Бучава во затворени простори, како забави, училници, трговски центри, продавници итн. Се додека можам да го напуштам бучното место, ќе бидам во ред“. – Esther D., лице со МС
„Бучава! Чувствувам дека главата ми пука“. – Rhonda L., лице со МС
„Секаков вид бучава. Мојата мачка која мјаука понекогаш може да ме изнервира“. – Amy M., лице со МС
„Кога некој џвака крцкави работи“. – Deanna L., лице со МС
„Премногу ме оптоварува бучава во позадина, особено ако некој се обидува да разговара со мене. А со две мали деца, секогаш има бучава во позадина!“ — Brandi M., лице со МС
„Не можам да поднесам гласна бучава. Ми влијае дури и лаењето на моето куче“. – Ruth W., лице со МС
Продавници
„Вообичаено на мене влијае кога работната средина станува прегласна, но она што е чудно во последно време ми пречи престојот во продавници кои се од типот на магацини (големи маркети и трговски центри). Исклучително ми пречат високите и долги ходници, дури и кога се празни“. – Amy M., лице со МС
„Големи гужви. Светли големи продавници. Понекогаш одам до продавница, влегувам, се премислувам и си одам дома“. – Bonnie W., лице со МС
„Колонијал и густ сообраќај. Предизвикуваат да се чувствувам расеано и „изгубено“ – Amber A., лице со МС
Непознати простори
„Околина на која не сум навикната, физички и/или психички. Сè уште не знам како да се справам со ова“. Rona M., лице со МС
„Предолгото отсуствување од дома. Станувам многу вознемирена“. — Sherri H., лице со МС
Замор
„Може да го предизвика истоштеноста, силни светла, многу и брзи движења, напорот во исто време да се разговара и да се слушаат останатите звуци“. Kelly H., лице со МС
„Во мојот случај заморот е веројатно причина број еден за преоптоварување на сетилата, но не секогаш е и предизвикувач. Ако има премногу звуци одеднаш, се чини дека сите тие се натпреваруваат да бидат најгласни, што резултира со целосно преоптоварување. За возврат станувам целосно нефункционален. Треперење, чувство на исклучителна непријатност и вознемиреност. Сето ова се случува при оптоварување на било кое сетило, или комбинација на настани кои ги преоптоваруваат сетилата“. Gail F., лице со МС
„Некој во моја близина кој зборува без престан, особено во доцните попладневни часови кога сум дополнително уморна, или едноставно гласни луѓе со многу енергија… Јас сум како чоколадо на жежок тротоар… се топам до распаѓање“. – Lisa F., лице со МС
Ресторани
„Кога одам во ресторан барам да седнам подалеку од звучникот. Музиката, во комбинација со човечките гласови и буката која доаѓа од кујната ме полудуваат“. – Connie R., лице со МС
„Вечера во „Texas Roadhouse“ во комбинација со родендени, прослави и гласно пеење. Едноставно станува премногу!“ – Judy C., лице со МС
„Бучавата која доаѓа од повеќе насоки и високите тонови како тропкање на садови и прибор за јадење заедно, или деца како врескаат. Рестораните со високи тавани и отворени кујни се најлоши, затоа што секој звук едноставно се доживува како да е повеќекратно зголемен“. – Erin H., лице со МС
Гужви
„Да се наоѓам во толпа луѓе или гласна просторија каде што не можам да ја намалам бучавата. Вревата и раздвижената толпа луѓе ги доживувам најтешко во споредба со звуците, луѓето и мојата тешкотија со рамнотежата“. – Cindi P., лице со МС
„Премногу гласови одеднаш“ – Robin G., лице со МС
Премногу работи за набројување
„Силни светла, голема бучава, прегласни деца, чудни миризби, некои индустриски звуци, понекогаш дури и читањето може да претставува терет ако светлата се погрешно поставени, или околината делува вознемирувачки“. – Alysin P., лице со МС
„Пазарењето, уморот, лекарите кои ми даваат премногу информации одеднаш, ресторани, гласни луѓе, разиграни деца“. — Stacy N., лице со МС
„Големи маркети со многу разни бои и други визуелни стимулации (трепкачки или строб светла особено во темница), премногу или прегласна врева, или специфични видови на бучава како што е врескање или сирени, гужви или брза и раздвижена активност“. — Polly P., лице со МС.
Извор: https://www.healthline.com/health/multiple-sclerosis/sensory-overload-triggers
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.