Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза го најавува започнувањето на нов проект на здружението во интерес на лицата со мултипла склероза. Слушајќи ги барањата и потребите на пациентите со мултипла склероза (МС), од септември ќе започне да се изведува овој проект кој се состои во обезбедување на психолошка и психотерапевтска помош и поддршка на пациентите со МС, членови на Националното здружение.
Националното здружение ја согледа неопходноста од обезбедување на ваков вид услуга за своите членови, бидејќи во последните шест месеци покрај товарот од справување со хронична болест се соочуваме со стресната состојба предизвикана од КОВИД-19.
Од наведената причина остваривме соработка со високостручни лица кои долги години работат со пациенти со хронични заболувања и кои уверени сме ќе бидат од огромна корист на лицата со МС.
Сеансите се планирани да бидат одржувани индивидуално (психотерапевт и пациент) со цел да се испочитува достоинството и интимата на секој корисник, а самиот состанок да се одвива во релаксирана и пријатна атмосфера, изјавија од Националното здружение за МС.
Здружението напоменува дека сите лица ќе ја користат оваа услуга бесплатно, бидејќи сите трошоци за спроведување на истата ќе бидат покриени од страна на Националното здружение за МС.
Тимот за психолошка и психотерапевтска помош
Тимот за психолошка и психотерапевтска помош и поддршка ќе биде раководен од страна на Наташа Митровска, лиценциран психолог. Наташа е член на Комората на психолози на РМ и основач на психолошкото советувалиште и центар за мотивација „Концепција“, кое успешно работи веќе 15 години. Со звањето дипломиран психолог се стекнува на Катедрата за психологија при УКИМ во Скопје, а има обавувано и волонтерски стаж на ЈЗУ Универзитетската клиника за неврологија во Скопје. Наташа Митровска е и овластен психолошки советник за Македонија и Косово во рамки на EAP програмата на меѓународната компанија Optum (PPC Worldwide).
За пoвеќе детали погледнете ја нејзината кратка биографија.
Начин на одржување
Онлајн сеансите ќе се одржуваат преку Skype или преку Messenger (Facebook). Можат да се изведуваат и писмено (со чет или преку е-мејл) или со аудио врска, односно аудиовизуелна (со камера). Изборот останува да биде направен од страна на корисникот. Доколку некој не користи Skype или Messenger, комуникацијата може да се одвива и на Viber или како крајна опција – телефон. Според стручните препораки, сеансите ќе траат од 1 час (60 минути) до максимум 75 минути.
Како да закажете?
Заради максимална дискреција, Националното здружение за МС ви овозможува директно да се јавите кај психологот и да закажете разговор. Потребно е да испратите е-мејл на e-mail адресата koncepcija@gmail.com или да се јавите на тел. 070/ 32 35 32 со барање да закажете онлајн сеанса.
Терминот се закажува во рок од 2-3 (работни) дена, или и побрзо доколку се работи за итна потреба. По воспоставената комуникација со психологот ќе ја добиете нејзината Skype (или Messenger) адреса која ќе ја активирате на првата закажана сеанса.
Повеќе детали за онлајн сеансите и начинот на закажување можете да прочитате на следниов линк.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Од 7. мај 2020 година, Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.