Епидемиологија на мултипла склероза

Се проценува дека во светот повеќе од 2,8 милиони лица живеат со мултипла склероза (МС). Кај нас досега се регистрирани околу 1.200-1.500 лица со МС. Болеста предоминантно ги напаѓа младите возрасни лица во најпродуктивните години, и тоа помеѓу 20 и 40 години (две третини), а ретко под 15 и над 60 години (во просек на 28 години). Појавата на МС во детството се проценува на 3-5% од случаите и се смета дека најмалку 2,5 до 5% од сите пациенти со МС првиот напад на болеста го доживуваат пред својот 16-ти роденден. Појавата на МС пред 10-тата година е реткост и се проценува дека се јавува кај 0,2% од децата на оваа возраст.
По 45-тата година зачестеноста на новодијагностицирани континуирано се намалува. Жените заболуваат почесто од мажите во однос 3:1. Зачестеноста на оваа болест е различна во различни делови од светот. Во северните земји преваленцијата е многу висока (Шведска, Норвешка, Финска, Велика Британија, Канада – 100-150 лица на 100.000), за разлика од тропските краишта, каде што е многу ретка.
Врз основа на преваленцијата (вкупна зачестеност на болеста на одреден број жители на одредена територија) се зборува за зона на висок ризик (повеќе од 30/100.000 жители), зона со среден ризик (5-30/100.000 жители) и зона со низок ризик (помалку од 5/100.000 жители).
Зоната на висок ризик ги опфаќа земјите на Северна Европа, Канада, САД, Југоисточна Австралија и Нов Зеланд. Некои региони во Шкотска имаат најголема преваленција, која е досега публикувана во стручната литература и изнесува 200/100.000 жители.
Зоната на среден ризик ги опфаќа земјите на Јужна Европа и Средна Америка.
Зоната на низок ризик ги опфаќа екваторијалните подрачја, како што се Југоисточна Азија, Африка и Јужна Америка (1/100.000 жители) и Централна Азија (5/100.000 жители).
Кај нас, според неофицијалните податоци, преваленцијата е повеќе од 80/100.000 жители, со што влегуваме во земјите со висок ризик. Секоја година се дијагностицираат 90-120 нови лица со МС, а вкупниот број заболени се проценува на околу 1500 лица.
Дополнително: Причини за МС