Што треба да знаете за бенигната МС
Мултипла склероза е долгорочна состојба која предизвикува вашиот имунолошки систем да го нападне централниот нервен систем (ЦНС). Како што напредува, трајно ги оштетува нервните клетки во мозокот и ‘рбетниот мозок. Ова го нарушува начинот на кој мозокот комуницира со остатокот од вашето тело. Тоа значи промени во начинот на кој телото се движи и функционира, што доведува до симптоми како:
- Тремор
- Вкочанетост
- Вртоглавица
- Тешкотии со одењето
- Тешкотии со видот
- Тешкотии со мочниот меур
Не постои лек за мултипла склероза, но бенигната МС е најблагиот облик на оваа состојба.
Што значи бенигна МС?
Невролозите, или лекарите кои го проучуваат мозокот и нервниот систем, сметаат дека МС е бенигна ако сте задржале поголем дел од функциите на вашето тело, откако живеете со МС неколку години.
Само околу 5% до 10% од лицата со МС ја имаат оваа форма на болеста, но ќе биде потребно извесно време пред да добиете официјална дијагноза.
Како се дијагностицира бенигната МС?
Бенигната МС е варијација на релапсно – ремитирачка МС. Ова е форма на МС во која новите или влошените симптоми се многу благи или не се развиваат подолг временски период. Затоа на лекарите им е потребен подолг временски период за да ја дијагностицираат.
Но, околу 15 години по вашата првична дијагноза со МС, вашиот лекар ќе може да каже дали состојбата е бенигна или не. Тие користат магнетна резонанца и скала за проценка на степенот на попреченост „Disability Status Scale (EDSS)“ за да откријат колкаво е физичкото оштетување. Процедурата трае од 15 до 30 минути.
Резултатите од EDSS се движат од 0, што означува дека резултатот од вашиот невролошки преглед бил уреден, до 10, што означува смрт поради МС. Резултатите на EDSS кои се 3 или пониски означуваат дека има одредена промена во функционирањето на вашето тело, но сепак можете да се движите. Ако на EDSS имате резултат од 3 или понизок, и поминале најмалку 10 години од вашите први симптоми на МС, лекарите ќе ви дијагностицираат бенигна МС.
Како напредуваат симптомите кај бенигната МС
Бенигната МС не значи дека нема да имате никакви симптоми. МС е многу непредвидлива, така што на лекарите им е тешко да го одредат точниот тек на болеста. Понекогаш, напредува бавно и со благи симптоми. Во други случаи го менува курсот и напредува многу брзо.
Но, ако имате бенигна МС, и иако можете да одите, и поголемиот дел од вашето тело сè уште функционира добро, може да имате некои од следниве симптоми։
- Замор
- Мускулни грчеви
- Проблеми со видот
- Вкочанетост и пецкање
- Проблеми со меморијата
- Проблеми со фокусирање
Можеби понекогаш се чувствувате и депресивни, но третманот може да помогне.
Третман за бенигна МС
Не постои лек за МС, но медикаментите можат да го забават прогресот на болеста. Други лекови може да ви помогнат да ги контролирате симптомите. Разговарајте со вашиот лекар ако мислите дека можеби имате бенигна МС. Може да ве упати на снимање на магнетна резонанца за да утврди.
Ако веќе ви е дијагностицирана бенигна МС, разговарајте со вашиот лекар за програма за исхрана и вежбање што може да ви помогне да управувате со состојбата и да имате подобар квалитет на живот.
Дури и кога ја имате состојбата под контрола, редовните прегледи кај вашиот лекар се неопходни. Дијагнозата за бенигна МС е само мерка за вашето искуство со болеста до тој момент. Не можете да предвидите како МС понатаму може да напредува.
Извор: https://www.webmd.com/multiple-sclerosis/benign-ms
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.