Мултипла склероза, прогноза и животен век

Кога станува збор за МС и прогноза што да очекуваме, има добри но и лоши вести. Иако МС не е фатална болест, таа е хронична и во моментов не постои лек.
Многу од лицата со МС се соочуваат и со други тешкотии кои може да го намалат квалитетот на живот. Иако повеќето лица со МС никогаш нема да се соочат со сериозна попреченост, многумина доживуваат симптоми кои предизвикуваат болка и непријатност.
Во оваа статија ќе разгледаме што може да очекуваме кога станува збор за МС. Ќе зборуваме за прогнози, перспективи и многу повеќе.
Дали МС е фатална болест?
Нарушувањата поврзани со МС, како инфекции, кардиоваскуларни заболувања и незгоди може да предизвикаат животниот век на лицата со МС да биде пократок отколку кај останатите. Но, лекувањето на овие нарушувања може значително да го намали ризикот од скратен животен век.
Според „National Multiple Sclerosis Society (NMSS)“ со тек на времето животниот век на лицата со МС е продолжен. Но, нарушувањата предизвикани од МС предизвикуваат просечниот животен век да биде околу 7 години пократок од животниот век на оние кои не живеат со болеста.
Причините за смртноста кај лицата со МС се слични како и кај останатите, како на пример канцер и срцеви заболувања. Освен кај лицата кои имаат тешка форма на болеста, прогнозата за долговечност кај лицата со МС генерално е добра.
Прогноза кај МС
Прогнозата за текот на болеста зависи од формата на МС. Примарната прогресивна МС (ППМС) се карактеризира со постојан пад на функциите без значителни релапси или ремисии. Секој случај е различен така што може да има периоди на неактивно опаѓање. Но, постојаната прогресија продолжува.
Кај релапсирачките форми на МС постојат неколку упатства кои може да помогнат во предвидувањето. Прогнозите за лицата со МС се подобри ако доживуваат։
- Неколку релапси со влошување на симптомите во првите неколку години по дијагнозата
- Поминува подолго време меѓу релапсите
- Целосно или речиси целосно закрепнуваат од релапс
- Симптоми поврзани исклучиво со сензорните функции како пецкање, губење на видот или вкочанетост.
- Извештаите од невролошките прегледи се речиси нормални и 5 години по дијагнозата
Во повеќето случаи МС не е фатална состојба и повеќето лица со МС имаат животен век близу до просечниот. Но, бидејќи состојбата многу варира кај секој индивидуален случај, на лекарите не им е едноставно да предвидат дали состојбата ќе се влоши или ќе се подобри.
Друг начин за прогноза кај МС е да се испита како може да влијае попреченоста предизвикана од симптомите.
Според NMSS околу две третини од лицата со МС можат да се движат без инвалидска количка две децении по нивната дијагноза. На еден дел за да ја задржат мобилноста ќе им биде неопходно да користат бастун или одалка. Други за да се справат со заморот или тешкотиите во рамнотежата користат електричен скутер или инвалидска количка.
Прогресија на МС и фактори на ризик
Тешко е да се предвиди како МС напредува индивидуално кај секоја личност. Сериозноста на болеста во голема мера варира од случај до случај.
- Околу 45 проценти од лицата со МС не развиваат тешка форма на болеста.
- Повеќето лица со МС доживуваат одредена прогресија на болеста.
За успешно да се предвиди текот на болеста треба да се согледаат факторите на ризик кои може да укажат на поголема можност за развој на тешка форма на МС. Одредени фактори, вклучувајќи ги и следниве, укажуваат на поголем ризик за појава на потешки симптоми:
- Имате над 40 години старост при појава на првите симптоми
- Првичните симптоми зафаќаат повеќе делови од телото
- Првичните симптоми влијаат на менталното здравје, контролата на уринарниот систем или моторните способности.
Перспективи и што можете да очекувате
МС генерално повеќе влијае на квалитетот на живот отколку на долговечноста. Иако одредени форми на МС потенцијално може да влијаат на животниот век, тие се исклучок, не се правило.
Лицата со МС се соочуваат со многу сериозни симптоми кои влијаат на начинот на живот. Но, со соодветен третман нивниот животен век во суштина го отсликува оној на лицата кои ја немаат оваа состојба.
Извор: https://www.healthline.com/health/multiple-sclerosis/prognosis-and-life-expectancy
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.