Совети за лицата со мултипла склероза поврзани со COVID-19
Коронавирусот (SARS-CoV-2) е вирус кој предизвикува COVID-19, нова болест која ги зафаќа белите дробови и дишните патишта. Новиот коронавирус за прв пат е откриен кај луѓето во Кина во декември 2019 година и оттогаш се шири во другите делови на светот предизвикувајќи пандемија.
Во моментов нема докази за тоа како COVID-19 влијае врз лицата со мултипла склероза (МС).
Советите кои се дадени во продолжение на текстот беа развиени од невролози и експерти и истражувачи за МС од организации членки на Интернационална Федерација за мултипла склероза (анг. MS International Federation, MSIF).
Совети за лицата со мултипла склероза (МС)
Луѓето со белодробни и срцеви состојби и лицата на возраст над 60 години се со поголема веројатност да имаат компликации и да развијат сериозна болест од COVID-19. Оваа група вклучува многу луѓе кои живеат со МС, особено оние со дополнителни здравствени компликации, како што се проблеми со мобилноста и оние кои земаат некои од лековите за МС кои ја модифицираат болеста.
На сите лица со МС им се советува да посветат особено внимание на упатствата за намалување на ризикот од COVID-19. Постарите лица со МС, особено оние кои имаат и белодробни и/или срцеви заболувања треба да внимаваат на намалување на изложеноста на вирусот. Препораките од Светската Здравствена Организација вклучуваат:
Мијте ги рацете често со сапун и вода или средство за дезинфекција на база на алкохол,
- Избегнувајте да ги допирате очите, носот и устата, освен ако рацете не ви се чисти,
- Обидете се да држите најмалку еден метар растојание помеѓу себе и останатите, особено од оние кои кашлаат и/или киваат,
- Кога кашлате и кивате, покријте ја устата и носот со лактот или шамивче,
- Практикувајте безбедно подготовување на храна користејќи различни табли за сечкање на сурово месо и зготвена храна и измијте ги рацете помеѓу ракување со истите.
Покрај овие препораки, лицата со МС треба да:
- Избегнуваат јавни собири и гужви,
- Избегнуваат употреба на јавен превоз кога е тоа можно,
- Кога е можно, да користат алтернативи за рутински медицински прегледи (на пример, телефоски разговор).
- Личните асистенти, негувателите и членовите на семејството кои живеат со или редовно посетуваат лица со МС, исто така, треба да ги следат овие препораки за да ја намалат веројатноста од инфекција со COVID-19 во домот.
Совети за лицата со МС кои примаат терапии кои ја модифицираат болеста
Многу лекови кои ја модифицираат болеста (анг. disease modifying drugs, DMDs) делуваат имуносупресивно или го модифицираат имунолошкиот систем. Некои лекови за МС може да ја зголемат веројатноста за појава на компликации од инфекција со COVID-19, но овој ризик треба да се мери земајќи го предвид и ризикот од прекинување на третманот.
Затоа почитувајте ги следниве препораки:
- Луѓето со МС кои во моментот земаат DMTs треба да продолжат со третманот.
- Луѓето кои развиле симптоми на COVID-19 или се позитивни треба да разговараат со својот невролог или другo стручно лице кое е запознаено со нивниот тек на болеста во врска со продолжување на третманот,
- Пред да започнат со нов DMT, лицата со МС треба да се консултираат со нивниот невролог по однос на тоа која терапија е најдобриот избор за нивната индивидуална болест или активност на болеста, имајќи го предвид ризикот од COVID-19 во регионот.
- Оние кои треба да започнат со DMT, но не го сториле тоа, треба да размислат за избор на третман кој не ги намалува специфичните имуни клетки (лимфоцити). Примерите вклучуваат: интерферон, glatiramer acetate или natalizumab. Лековите кои ги намалуваат лимфоцитите доколку се користат подолго време вклучуваат: alemtuzumab, cladribin, ocrelizumab и rituximab.
- Следниве орални DMT може да ја нарушат способноста на имунитетот да реагира на инфекција: fingolimod, dimethyl fumarate, teriflunomide и siponimod. Луѓето треба внимателно да ги земат предвид ризиците и придобивките од започнувањето со третман за време на пандемијата на COVID-19.
- Луѓето со МС кои во моментот земаат alemtuzumab, cladribin, ocrelizumab I rituximab, fingolimod, dimethyl fumarate, teriflunomide и siponimod и живеат во регион со висока инциденца на COVID-19 треба да бидат изолирани колку што е можно повеќе со цел да се намали ризикот од заразување.
Препораките за одложување на втората или натамошните дози на alemtuzumab, cladribin, ocrelizumab заради пандемијата на COVID-19 се разликуваат во зависност од земјата. Луѓето кои земаат некој од овие лекови и ја примаат следната доза треба да се консултираат со својот невролог за ризикот и придобивките од одложувањето на третманот.
Совети за деца или бремени жени со МС
До овој момент нема конкретни совети за бремените жени и за деца со МС; па затоа треба да ги следат погоренаведените совети за лицата со МС.
Извор: https://www.msif.org/news/2020/02/10/the-coronavirus-and-ms-what-you-need-to-know/
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.