Објавен водич за справување со невролошки заболувања во услови на COVID-19 пандемија
Скопје, 12. август 2020 г.
Неодамна, во организација на ЈЗУ Универзитетската клиника за неврологија, Скопје излезе првиот Водич за справување со невролошки заболувања во услови на COVID-19 пандемија.
Ова е прво четиво кое нуди упатства за полесно справување во состојба на сериозна пандемија и воедно исклучително корисен материјал за здравствените работници и пациентите со невролошки заболувања.
Водичот содржи стручни препораки и насоки во однос на следење на одложени имунолошки посредувани компликации, невропсихолошки последици, и евентуално одложен развој на невродегенеративни заболувања кај заболените со COVID-19. Препораките се направени врз основа на досегашните искуства и известувања од повеќе медицински центри, стручни асоцијации на невролози и мислења од експерти, а во согласност со иницијативaта на Европската академија за неврологија (анг. European Academy of Neurology, EAN).
Повеќето невролошки состојби/заболувања ja зголемуваат веројатноста за заболување од COVID-19, бидејќи се работи за состојби кои имаат потреба од третман преку супресија на имунолошкиот систем и со оглед на фактот дека COVID-19 е доминантно заболување на дишните патишта и белите дробови, кај сите невролошки заболувања кои се асоцирани со отежнато голтање и дишење, COVID-19 може да има потешка клиничка слика.
Пристапете до водичот на следниов линк.
Веруваме дека ќе ви биде од огромна корист, бидејќи се работи за прв материјал од ваков тип и содржи совети и препораки подготвени од стручни лица и тоа за секое невролошко заболување одделно.
Чувајте се!