Како лицата со МС реагираат на вакцинација против COVID-19?
Што дознаваме од истражувањата? Како терапијата за модифицирање на болеста (DMT) влијае на имунолошкиот одговор на организмот на вакцините против COVID – 19?
Вакцините се од витално значење во тековната борба против корона вирусот. Сепак некои терапии за модифицирање на болеста (DMT) кои се користат за третирање на МС може да влијаат на способноста на телото да произведе имунолошки одговор на вакцините против COVID-19. Оваа статија ги сумира најновите истражувања.
Како вакцините му помагаат на нашиот организам во борбата против COVID-19?
Кога ќе се појави инфекција, Б – клетките, T – клетките и макрофагите се клучните бранители на нашиот имунолошки систем. Макрофагите се бели крвни клетки кои ги јадат, а потоа ги варат микробите и клетките кои умираат. Зад себе тие оставаат делови од напаѓачот, познати како антигени. Телото ги препознава антигените и стимулира антитела да ги нападнат. Антителата се создаваат со помош на Б – клетките во процес познат како „хуморален одговор“.
Производството на антитела може да се активира преку вакцинација или преку инфекција, и при овој процес се генерираат мемориски Б – клетки. Мемориските клетки остануваат во телото, така што ако некогаш повторно дојдат во контакт со вирусот можат полесно да го препознаат и подобро да се борат со него. Во меѓувреме Т – клетките напаѓаат веќе заразени клетки во процес наречен „клеточен одговор“.
Некои третмани за модифицирање на болеста може да го ослабнат имунолошкиот одговор на вакцините против COVID-19.
Во клиничките испитувања за вакцини примарно беа запишани здрави лица со што би биле сигурни дека одговорот предизвикан од вакцината не е изменет од лекови или здравствени состојби. На пример, во оригиналните испитувања за вакцината „Pfizer/BioNTech“, лицата кои примале третман со имуносупресивна терапија или кортикостероиди за автоимуна болест биле исклучени. Овие критериуми ни отежнуваат да разбереме како лицата со МС реагираат на вакцините.
Третманите (DMT) кои се користат за лекување на МС го таргетираат имунолошкиот систем преку влијание врз функцијата на Б или Т – клетките, или со намалување на бројот на овие клетки во оптек. Ако Б – клетките се цел на DMT способноста на телото да создаде антитела може да се намали. Ова значи дека вакцината може да биде помалку ефикасна кај оние лица кои се изложени на некој третман за модифицирање на болеста (DMT). Ова е објавено во неколку статии.
Овие наоди се поткрепени со повеќе студии спроведени во САД, Италија, Франција, Швајцарија и Израел. Овие студии покажаа слаб имунолошки одговор кај лица третирани со „rituximab (Rituxan), ocrelizumab (Ocrevus)“ и „fingolimod (Gilenya)“, но подобар одговор кај лица третирани со „ cladribine (Mavenclad), alemtuzumab (Lemtrada)“ и „natalizumab (Tysabri)“. Лицата кои примале „ cladribine, alemtuzumab, и natalizumab“ се чини дека имаат во оптек поголем број Б -клетки во споредба со индивидуите кои примале „rituximab и ocrelizumab“. Ова може да објасни зошто успеале да произведат повеќе антитела.
Во тек е клиничко испитување за да се разбере одговорот на „ofatumumab (Kesimpta)“ на вакцините против COVID-19, и чекаме да дознаеме повеќе за ефектите од „ponesimod (Ponvory) и ozanimod (Zeposia)“ врз имунолошкиот одговор. Веројатно е дека тие ќе бидат слични како „siponimod (Mayzent) и fingolimod“.
Времето на отпочнување со лекување е клучно
Времето на лекување може да игра важна улога. Кога некое лице прима инфузија со одреден DMT (особено „ ocrelizumab, ofatumumab и rituximab“),нивото на Б – клетките кај таа личност е намалено, но потоа полека повторно се покачува. Ако постои долг јаз помеѓу инфузијата и вакцината против COVID-19 често се создаваат повеќе антитела како одговор на вакцината. Ова се должи на тоа што производството на Б – клетки се вратило во нормала што значи дека во оптек се повеќе Б – клетки. Кај поединци третирани со други високо интензивни DMT како „alemtuzumab или cladribine“ генерално не е потребно долго време за имунолошкиот систем да се врати во нормала, дозволувајќи да се создадат повеќе антитела како одговор на вакцината.
Имунолошки одговор покрај антителата – Т клетките се придружуваат на битката
Како што споменавме порано имунолошкиот систем на присуство на микроби и бактерии реагира на два главни начина: хуморален одговор преку Б – клетките и клеточен одговор преку Т – клетките. Дури и ако некое лице не произведе силен одговор преку создавање на антитела предизвикано од вакцинацијата, Т – клетките сѐ уште можат да имаат водечка улога во формирањето на имунолошки одговор. Неколку неодамнешни студии покажаа дека некои лица кои примаат DMT за намалување на Б – клетките како „rituximab и ocrelizumab“ и покрај слабиот одговор и малиот број антитела имаат добар одговор на Т-клетките на „mRNA“ вакцините (на пример, вакцините Moderna и Pfizer). Не е целосно јасно како функционираат Т-клетките, но тие би можеле да играат клучна улога во спречувањето на тешка клиничка слика предизвикана од COVID-19.
Резиме
Голем дел од третманите за модифицирање на болеста (DMT) ги таргетираат Т – клетките на еден или на друг начин. Но, DMT како што се „fingolimod“ или терапија за редуцирање на Б – клетки како „ rituximab“ го намалуваат бројот на достапни Б – клетки. Истражувањата покажуваат дека лицата третирани со „fingolimod, siponimod, rituximab, и ocrelizumab“ имаат слаб одговор во создавање антитела управувани од Б – клетките. Но, се чини дека лицата кои примаат „cladribine, natalizumab, и alemtuzumab“ создаваат поцврст одговор и повеќе антитела.
Се чини дека бројот на Б – клетки е поврзан со тоа колку антитела се произведуваат. Колку повеќе Б – клетки се во оптек, толку е полесно да се произведат повеќе антитела. Со оглед на тоа дури и ако нема производство на антитела се чини дека може да има одговор на Т – клетките. Со други зборови, ако примате „ ocrelizumab, rituximab, или fingolimod“, вашиот имунолошки систем сепак може да реагира на вакцината на други начини. Ова значи дека ако вирусот нападне, Т – клетките можат да помогнат да се намали сериозноста на болеста.
Оваа загатка е составена од повеќе делови вклучувајќи го времето на вакцинација, возраста, видот на вакцината, колку долго сте биле на DMT, бројот на Б – клетки и одговорот на Т – клетките. Количината на достапни информации се зголемува и ние учиме се повеќе и повеќе секој ден.
Заклучок
За детални препораки за лицата со МС погледнете ги глобалните совети на „ MSIF“ во врска со COVID – 19.
Речник։
- Антитела: протеин кој го користи имунолошкиот систем за да ги идентификува и отстрани напаѓачите, како што се вирусите.
- Антиген: Молекула присутна однадвор на вирус, вообичаено предизвикува имунолошки одговор. Антителата се врзуваат за антигени и предизвикаат убивање на вирусната клетка.
- Б(В) – клетка: Б – лимфоцит, група на имунолошки клетки, сите извршуваат различни функции
- Клеточен одговор: Имунолошкиот одговор од страна на Т – клетките во внатрешноста на заразените клетки. Т – клетки убијци (или CD8+ T -клетки), бараат и уништуваат клетки заразени со вирусот. Други клетки наречени помошни Т – клетки (или CD4+ T -клетки) се важни за различни имунолошки функции, вклучително и за стимулирање на производството на антитела и Т – клетки убијци. Т – клетките се активираат откако вирусот ќе го зарази телото. Тие се важни за борба против тековната инфекција. Одговорот на Т -клетките убијци може да претставува разлика помеѓу блага инфекција и тешка инфекција која бара хоспитализација. Исто така, можно е овие клетки да ја намалат количината на инфекција пренесена во заедницата.
- COVID-19: Коронавирусна болест (COVID-19) предизвикана од SARS-CoV-2
- Хуморален одговор: Исто така познат како имунитет со посредство на антитела. Б – клетките се врзуваат за антигените на површината на вирусот. Покрај антигените, на Б – клетките им е потребен втор сигнал за да се активираат – на пример од помошните Т -клетки. Кога се присутни двата стимула, Б – клетките можат да станат плазма клетки и мемориски Б -клетки. Плазма клетката ослободува антитела во крвотокот. Мемориските Б клетки произведуваат антитела врзани за површината на клетката и делуваат многу специфично во борбата против вирусот. Мемориските Б клетки живеат долго време што му овозможува на човечкото тело да реагира многу побрзо и посилно кога се соочува со ист вирус.
- Сероконверзија: Развој на антитела против вирус во крвниот серум – по инфекција или имунизација (вакцинација).
- Однапред објавена статија։ вид научен труд кој доаѓа пред формално рецензираната статија објавена во научно списание. Често се во облик на неформални написи достапни бесплатно. Овозможуваат споделување на податоците што е можно побрзо. Меѓутоа во полето кое брзо се развива истражувањето или се побива или се потврдува набргу по објавувањето. Јавноста, исто така може да коментира и да ги објавува своите прегледи на други канали, како што се социјалните мрежи.
- SARS-CoV-2: корона вирус кој предизвикува заболување COVID – 19.
- Т – клетка: Т – лимфоцит, група на имунолошки клетки. Некои типови вклучуваат CD4+ помошник, CD8+ убиец и Т мемориски клетки, сите извршуваат различни функции.
- Вакцинација: давање вакцина која ќе му помогне на имунолошкиот систем да развие заштита од болести (имунизација).
Извор: https://www.msif.org/news/2021/09/27/how-do-people-with-ms-respond-to-covid-19-vaccines/
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.