Третман на мултипла склероза со матични клетки

Потребата за поефикасни третмани за МС е постојана. Терапиите со матични клетки се истражуваат како потенцијален начин да се одговори на оваа потреба. Заради уникатните својства на матичните клетки, овие терапии ги сметаме за сериозен кандидат за третмани кои можат да ја забават активноста на МС.
Постојат различни типови на матични клетки, а во тек се истражувања за да се утврди како тие функционираат, дали употребата на матични клетки за лекување на лица со МС е безбедна и ефикасна, и кои форми на МС можат да имаат корист од различните третмани со матични клетки.
За да донесат одлуки поврзани со ова сложено прашање, за лицата со МС е важно да ги имаат најдобрите достапни информации за терапијата со матични клетки.
Што се матични клетки?
Повеќето клетки во телото имаат многу специфични улоги и се нарекуваат специјализирани клетки. Матичните клетки се различни бидејќи не се специјализирани, што значи дека можат да се развијат во различни типови на клетки, како нервни или имунолошки клетки. Тие имаат важна улога додека растеме и се развиваме, како и во регенерирање на оштетувањата и замена на изумрените клетките како што старееме.
Типовите на матични клетки кои се истражуваат како опции за третман на МС се наоѓаат во многу различни ткива, од коските до мозокот.
Донесување одлуки за терапија со матични клетки
Терминот „терапија со матични клетки“ се однесува на секоја процедура која вклучува матични клетки или нивни производи. Постојат многу различни видови на матични клетки и многу видови терапии со матични клетки.
Повеќето од овие терапии се проучуваат во клинички испитувања. Единствената терапија со матични клетки која во моментов треба да се прифати како третман за МС, надвор од клиничките испитувања, е автологната трансплантација на хематопоетски матични клетки „ Аutologous Hematopoietic Stem Cell Transplantation (aHSCT)“, за која има доволно докази за потенцијалните придобивки, ризици и несакани ефекти.
Покрај терапиите со матични клетки кои се развиени специјално за МС, постојат и многу други терапии кои вклучуваат матични клетки кои никогаш не биле тестирани кај МС. Експертите откриваат дека овие недокажани третмани се препорачуваат на лица со МС, и покрај целосниот недостаток на клинички докази.
За да донесат одлуки поврзани со нивниот третман, важно е лицата со МС да ги имаат најдобрите достапни информации. Состојбата на секој поединец е единствена, и одлуките за секој третман за МС – земајќи ги предвид потенцијалните придобивки, ризици и несакани ефекти за одредени специфични, индивидуални околности – треба да се донесат во внимателна консултација со невролог.
За секаков вид третман, вклучително и aHSCT, важно е клиниките или центрите што го нудат третманот да бидат соодветно акредитирани, да имаат значителна експертиза во спроведувањето на процедурите, и да имаат експертиза во управување со МС.
Во кои видови терапија за МС се користат матични клетки?
Автологна трансплантација на хематопоетски матични клетки (aHSCT)
Што е aHSCT?
Хематопоетските матични клетки се вид на возрасни матични клетки создадени во коскената срцевина, кои имаат способност да произведуваат различни клетки кои се сретнуваат во крвта, вклучувајќи ги и клетките во имунолошкиот систем. При aHSCT, матичните клетки од коскената срцевина се собираат и складираат, додека значителен дел од остатокот од имунолошките клетки се намалуваат со хемотерапија. По хемотерапијата складираните матични клетки повторно се внесуваат во телото и со текот на времето тие произведуваат нови клетки кои повторно го населуваат организмот со сите видови крвни клетки, вклучувајќи ги и имунолошките клетки.
Овој третман се обидува да го „реформатира“ имунолошкиот систем и да го запре воспалението кое придонесува за активна, релапсна или прогресивна МС. Сепак, овие матични клетки не се способни да ги регенерираат оштетените нерви или други делови од мозокот и ‘рбетниот мозок.
МС е состојба која многу варира, и затоа овој третман не е делотворен кај сите случаи, ниту кај сите видови на МС. Важно е да се напомене дека aHSCT е интензивен третман со значителни ризици, вклучително и животозагрозувачки, а самата хемотерапија има неколку познати несакани ефекти.
Додека во неколку земји aHSCT се смета за третман за високо активна МС, условите под кои е достапен може да се разликуваат дури и во рамките на една држава. Во некои случаи, дури и ако aHSCT е одобрен за употреба, тој може да не е достапен поради недостаток на специјалистичка експертиза или ресурси.
Што покажуваат доказите?
Неколку клинички испитувања се одвиваат низ целиот свет, со цел целосно да се разберат придобивките и ризиците од aHSCT кај МС, како овој третман се споредува со другите високоинтензивни DMT, и кои лица со МС би можеле да имаат најголема корист од овој пристап.
Досегашните клинички испитувања покажаа дека кај релапсна или прогресивна МС со знаци на активно воспаление aHSCT може да ја запре или забави прогресијата на состојбата. Терапијата е способна да ги намали новите лезии (како што се гледа на снимките од МР) и релапси и да ги стабилизира или подобри симптомите. Пациентите може да приметат дека нивната попреченост се подобрува или влошувањето на нивната попреченост се забавува, но овие подобрувања не траат еднакво во сите случаи, а влошување на состојбата сепак може да се случи во следните години.
За лицата со прогресивна МС кои не покажуваат знаци на воспаление и кои имаат висок степен на инвалидитет, сегашните докази покажуваат дека е малку веројатно дека aHSCT ќе биде делотворен, и е поврзан со зголемен ризик.
Накратко, досегашните докази сугерираат дека најголемите придобивки се за лицата со високо активни форми на релапсна МС, кои не реагирале или не можат да се третираат со високоефикасни терапии за модификација на болеста (DMT). Исто така, најдобрите кандидати веројатно ќе бидат на возраст под 50 години и се во порана, инфламаторна фаза на МС (имале МС не подолго од 10 години, со ниски до умерени степени на попреченост).
Од клучно значење е потребата од дополнителни, големи, според златни стандарди, рандомизирани контролирани испитувања, насочени специјално за МС, кои го споредуваат aHSCT со моментално достапните третмани. Испитувањето на aHSCT „MIST“ беше спроведено од 2005 до 2016 година во САД и други земји, и го спореди aHSCT со стандардните терапии за МС достапни во тоа време (кои не вклучуваат некои понови третмани како што се „alemtuzumab, cladribine и ocrelizumab“). Резултатите покажуваат дека пациентите кои примале AHSCT имале подобрувања во степенот на попреченост и значително помалку релапси во споредба со оние кои примаат стандардни лекови за МС. Студијата „BEAT-MS“ е клиничко испитување од Фаза III во кое безбедноста, ефикасноста и економичноста на aHSCT директно ќе се споредат со најдобрите достапни третмани кои имаат докажани придобивки за лицата со активна релапсна МС. Во Европа се спроведуваат две испитувања од Фаза III кои го споредуваат aHSCT со alemtuzumab, ocrelizumab и cladribine (STAR-MS), и со alemtuzumab (RAM-MS).
Терапија со мезенхимални матични клетки (MSC терапија)
Што е терапија со MSC?
Мезенхималните матични клетки (MSCs – понекогаш се нарекуваат мезенхимални стромални клетки или стромални клетки на коскената срцевина) се возрасни матични клетки кои можат да произведат многу различни типови на клетки, вклучувајќи мускулни, ‘рскавични и нервни клетки. Терапијата со MSC се обидува да го „реформатира“ имунолошкиот систем и да го запре воспалението кое придонесува за активна, релапсна МС. Сепак, овие матични клетки не се наменети за регенерација на оштетените нерви или други делови од мозокот и ‘рбетниот мозок.
За разлика од aHSCT, терапијата со MSC не е комбинирана со хемотерапија. Ова вклучува изолирање на MSC од коскената срцевина. Овие клетки се размножуваат во лабораторија (процес кој трае неколку недели) и потоа се внесуваат назад во крвта или спиналната течност (течноста што го опкружува мозокот и’ рбетниот мозок) на лицето кое е подложено на терапија. Сè уште нема доволно докази за овој тип на третман да се препорача за лицата со МС, и тој треба да се нуди само како дел од клиничко испитување.
Што покажуваат доказите?
Терапијата со мезенхимални матични клетки кај МС ја истражуваат мал број студии низ светот. Раните истражувања од студии на животни и испитувања на луѓе, кои се во многу рана фаза, сугерираат дека MSCs може да имаат позитивен ефект врз имунолошкиот систем. Испитувањата во рана фаза, со мал број пациенти, не пријавиле сериозни несакани настани или смртни случаи. Сепак, и покрај извештаите и студиите спроведени на пациенти кои можеби добиле некои рани или привремени придобивки, сè уште нема доволно докази за да се заклучи дали воопшто има некаква корист или подобрување кај МС. Една неодамнешна меѓународна соработка, испитувањето MESEMS (мезенхимални матични клетки за МС), кое беше делумно финансирано од MSIF, покажа дека терапијата со MSC е безбедна и добро толерирана, но не е ефикасна во намалувањето на воспалението кај лицата со активни форми на мултипла склероза.
Извор: https://www.msif.org/research/challenges-of-ms-research/stem-cells-regeneration-and-repair-in-ms/
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.